Двајца Албанци кои живеат во Швајцарија, едниот од Косово, а другиот од Македонија, се осомничени за поддршка и финансирање на група блиска до Исламската држава во Косово. Според швајцарските медиуми, истрагата против нив е во завршна фаза и се смета за една од најголемите антитерористички истраги во земјата во последните години.
Двајцата осомничени, на возраст од околу 30 години, се во затвор во кантонот Во веќе три години и се соочуваат со казни до десет години затвор за „учество во терористичка организација“. Нивното судење е закажано за 3 и 4 ноември во Федералниот кривичен суд во Белинцона, објавува „Албански пост“.
Еден од осомничените, 37-годишен маж од Косово кој живее во Женева, наводно од 2015 година водел огранок на групата наречена „Браќа од Женева“, која била дел од поширока мрежа во Косово позната како „Браќа од Витинија“. Обвинението ја опишува организацијата како идеолошки блиска до Исламската држава, со „салафистичко-џихадистичка“ ориентација.
Женевската група собрала околу триесет следбеници и контактирала млади луѓе да им се придружат, вклучувајќи и еден 14-годишник. Според обвинението, тие донеле неколку радикални имами кои зборувале албански, вклучувајќи го Реџеп Мемишин – кој служел како идеолошки ментор дури и додека бил во затвор во Северна Македонија – и Ќендрим Јашари, познат по читањето текстови на Исламска држава на состаноците на групата.
И покрај малиот број членови, „Женевските браќа“, според истрагата, имале јасно дефинирана структура, редовни состаноци и строги правила на тајност. Швајцарските власти ја започнале својата истрага пред неколку години, а во 2021 година инсталирале уреди за прислушување во возилата на осомничените за да ги следат нивните комуникации и активности.
Обвинителството тврди дека „Женевските браќа“ и нивните колеги од Космет формирале единствена терористичка мрежа, која имала скриено оружје и муниција во Космет со цел создавање исламска држава преку насилство. Сепак, досега нема конкретни докази за извршени насилни дела.
Една од клучните функции на групата во Швајцарија, според обвинителството, била финансирање на својот огранок во Космет. Помеѓу 2016 и 2022 година, тие наводно префрлиле помеѓу 64.000 и 78.000 евра, делумно за купување оружје, а делумно за поткуп на обвинители за намалување на казните за членовите на Исламската држава.
Покрај тоа, двајцата осомничени наводно обезбедувале средства за групата преку месечни членарини, донации собрани на состаноци, измами со социјално осигурување, инсценирани несреќи, па дури и злоупотреба на кредити за Ковид-19 со пријавување лажни приходи.
