Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, вчера во Њујорк, во седиштето на ОН учествуваше на неформален министерски состанок на земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата.
Состанокот, соопшти денеска МНР, се одржа во рамки на 68-то ГС на ОН и беше посветен на франкофонската солидарност, како и напорите што треба да се преземат во насока на одржување на мирот и безбедноста на франкофонските простории.
– Одлично видување на Бан-Ки Мун на француски, за тоа како група земји кои ги поврзува јазик може да промовираат мир и стабилност глобално, изјави по состанокот Попоски.
Шефот на македонската диплматија учествуваше и на состанок на високо ниво за постигнување на Милениумските развојни цели за лица со попреченост во развојот на тема „Патот напред: инклузивна развојна агенда за попреченост кон 2015-та и потоа“.
– Еден од седум луѓе во светот живее со некој вид на попреченост во развојот. Ние мораме да се осигураме дека нивните интереси се вклучени, нивните предизвици земени предвид во развојната агенда која сега ја градиме, рече меѓу другото Попоски.
Учесниците на состанокот на високо ниво усвоиле завршен документ за постигнување Милениумските развојни цели за лицата со хендикеп до 2015-та година и понатаму.
На маргините на 68-та сесија на Генералното собрание на ОН, министерот Попоски остварил средба и со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер. На средбата тој ја истакнал успешната соработка на Република Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа и со нејзините институции. Попоски ја посочил соработката со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во однос на изработката на предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со Високиот комесар за национални малцинства во однос на изработката и имплементацијата на Стратегијата за интегрирано образование.
Министерот Попоски се осврнал и на проектните активности на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија односно на потребата тие да се намалуваат и да бидат во насока на исполнување на нашите европски аспирации.
– Основната мисија на ОБСЕ во Македонија е одамна надмината. Сепак, придонесот е најкорисен ако е посветен кон споделување експертиза од земји членки при реформите битни за нашата ЕУ интеграција, изјави по средбата Попоски.
Министерот Попоски имал средба и со министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Мари Макали, а со претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски учествуваше на работен ручек со сопственикот на списанието Форбс, како и на средба со македонската дијаспора во Њујорк.