Комисијата за заразни болести денеска на редовниот состанок околу состојбата со коронавирусот се очекува да расправа и за новата мутација на вирусот наречена „Омикрон“. На седница на Владата, пак, утре треба да се одлучува за новата предложена мерка за финансиска стимулација на матичните лекари доколку бројот на нивните вакцинирани пациенти против Ковид-19 надмине 70 проценти. По вчера регистрираните 333 новозаразени во државава сега се активни 8.398 ковид случаи.
Светската здравствена организација (СЗО) во петокот го идентификуваше новиот сој Б.1.1.529, пронајден во Јужна Африка, го именува со грчката буква омикрон и го класифицираше како загрижувачки и високо пренослив.
Последните податоци објавени од Министерството за здравство, покажуваат дека заклучно со 26 ноември во државава вкупно се вакцинирани 828. 770 граѓани, ревакцинирани се 794.666, а трета доза примиле 70.937 граѓани.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.009, на оздравени пациенти е 199.064, а на починати е 7.547. Од активните 8.398 случаи, најмногу се во Скопје – 3941, по што следат Битола – 668, Прилеп – 425, Велес – 340 и Кавадарци – 306.