Активисти за човекови права бараат оставка од Мемети

Од:

Група активисти за човекови права, бараат оставка од Народниот правобранител, Иџет Мемети. Велат дека нема Мемети никаков легалитет и легитимитет да ја врши функцијата Народен правобранител.

Еве што пишуваат во отвореното писмо до Мемети:

Г-не Мемети, на 24.1.2013 се наврши точно еден месец откако флагрантно беа прекршени човековите права на новинарите и пратениците во Собранието, на истата седница кога Ве избраа по втор пат за Народен правобранител. Истиот ден беа кршени и човековите права на голема група протестанти од страна на полицијата, која го оневозможуваше правото на мирен протест (со селективно запирање на автобуси), со прекумерна употреба на сила, и со неспречување на насилство. Истиот ден беа повеќекратно газени Уставот, Законот за Собрание и собранискиот деловник, а газењето на демократските процедури се одвиваше пред вашите очи.

Г-не Мемети, како активисти за човекови права со жалење констатираме дека на 24.12.2012 (и потоа) Вие не ја извршувавте својата функција на Народен правобранител. Наместо да дејствувате согласно Вашите законски надлежности, Вие молчевте и недејствувавте за кршењето на човековите права на 24.12.2012. Во моментот кога беа насила исфрлани новинари и пратеници, кога беше брутално суспендирана демократијата во законодавниот дом, вие мирно чекавте во просториите на Собранието да бидете реизбран.

Апсурдот да е поголем, потоа дадовте и заклетва дека професионално ќе си ја извршувате својата функција, игнорирајќи го насилството и затворајќи очи пред грубото кршење на човековите права на оние кои требаше да ве изберат и на оние кои требаше да известуваат за вашиот избор. Исто така, го игнориравте, и продолживте да го игнорирате очигледното попречување на правото на мирен протест од страна на полицијата.

Со тоа што не реагиравте г. Мемети, Вие станавте соучесник во овој валкан чин, се согласивте со грубото кршење на човековите права, на слободата на јавното информирање и на владеењето на правото. Со молкот и недејствувањето застанавте на страна на неправдата. Покажавте дека немате ниту морален ниту професионален капацитет и кредибилитет да се нарекувате Народен правобранител.

За тоа говори и фактот дека еден месец по вашиот реизбор не издадовте барем едно соопштение за осуда на повеќекратното флагрантно кршење на човековите права, а не изразивте ниту загриженост ниту пак намера да преземете нешто за заштита на правата на жртвите.

Имајќи предвид дека вашиот реизбор се случи на противуставна собраниска седница, која не беше јавна, на која им беше забранет пристапот на опозициските пратеници , на новинарите и на народот, Вие немате никаков легалитет и легитимитет да ја вршите функцијата Народен правобранител.

Токму затоа и не Ве признаваме како Народен правобранител. Последна шанса да го вратите загубениот кредибилитет на институцијата Народен правобранител е да поднесете неотповиклива оставка, за да му овозможите на Вашиот наследник да изврши соодветна истрага и да ја утврди одговорноста за флагрантното кршење на човековите права на 24.12.2012.

Жарко Трајаноски
Уранија Пировска
Рамадан Рамадани
Џабир Мемеди Дерала
Роберто Беличанец

Би можело да ве интересира

Народен правобранител: Најдовме готови документи на граѓани, а МВР нема увид дека се подигнати

Горан Наумовски

Разрешени државните правобранители на подрачјата на Скопје и Струга

Народен правобранител: Да се создадат услови во училиштата за остварување на правата на детето

Наум Локоски

Согласност од Собранието за општите акти на Народниот правобранител

Наум Локоски

Народниот правобранител реагира за попречување на истрагата за приведените во протестите

Емир Латифовиќ

Правобранителот изразува загриженост за одлуката на Уставниот суд

Емир Латифовиќ