Младите гостиварци претпладнево започнаа со отстранување на навредливи графити на јавните објекти и опрема во градот. Акцијата „Стоп за испишани графити” е иницирана од Отсекот за превенција на СВР-Тетово.
– Со оваа акција сакаме да ги поттикне младите да не ја користат својата креативност за испишување графити со навредлива содржина која пак може да поттикне верска или меѓуетничка нетрпеливост. Освен тоа, со акцијата очекуваме и да се подигне нивото на урбана култура кај младите, изјави самостојниот иснпектор по превенција Пецо Костадиноски.
Бојосувањето и отстранувањето на графитите во Гостивар денеска се одвива на две локации и во неа учествуваа ученици од Средното општинско економско училиште и од Основното училиште „Гоце Делчев”.
Проектот кој завчера стартуваше во Тетово и се одвива во соработка со локалните самоуправи и со поддршка на ОБСЕ.
Од СВР-Тетово потсетуваат дека според Законот за јавна чистота, член 17, пишувањето на графити на јавни објекти, како и цртање и лепење плакати е забрането, а глобата изнесува 50 евра во денарска противвредност. Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, глобата за оштетување на јавните објекти на ваков или друг начин се движи од 100 до 400 евра. Доколку графитите, пак, се со навредлива содржина и поттикнуваат етничка, расна, верска, полова и друга нетрпеливост, тоа се санкционира кривично.