Академици во МАНУ го предложија, но Собранието на оваа највисока научна институција не го изгласа европскиот експерт Рајнхард Прибе за член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите, потврди потпретседателот, академик Луан Старова. На изборното собрание на МАНУ, кое се одржа на 6 јуни, бил поставен предлогот Прибе да биде прифатен за член на Академијата, надвор од работниот состав. Но, при гласањето предлогот не поминал.
Експертот за владеење на правото на Европската комисија, кој заедно со група колеги ги подготви извештаите за Македонија за итните реформски приоритети, според нашите извори, го предложиле дел од академиците. Со ова место во МАНУ не се добива право на глас или, пак, некаков надоместок. Во краткото соопштение за седницата на 6 јуни за избор на дописни членови на Академијата пишува дека за дописен член на Академијата е избран проф. д-р Блажо Боев, за член на Академијата надвор од работниот состав е избран академик Владимир Костиќ, а за почесен член, Омер Калеши.
За одлуките на седницата и потврда за одбивањето на предлогот за член надвор од работниот состав на МАНУ, побаравме и од претседателот на МАНУ, Таки Фити, кој првично ниту ја потврди, ниту ја негираше ситуацијата, а денеска не беше достапен за коментар на мобилниот телефон.
За поднесување предлог за избор на член надвор од работниот состав и на почесен член на Академијата решаваат одделенијата со тајно гласање и со мнозинство гласови од вкупниот број на нивните членови. Иницијатива за избор на член надвор од работниот состав и на почесен член можат да дадат најмалку два члена на одделението на седницата.
Извори од академската фела велат дека предложувањето на Прибе за ваква почесна позиција без притоа да се осигура поддршка за изгласување е во најмала рака несериозно, бидејќи може да испрати различни пораки до домашната и меѓународната јавност.
Васко Маглешов