„Вчера, на 26 април 2015 година, од страна на непознато лице со качулка, беше нападнат граѓанскиот активист Славчо Димитров. Во само една недела, во Македонија, неколку новинари добија предупредувачки закани, а неколку граѓански активисти беа и физички атакувани на јавни места.
Ваквиот „биланс“ недвосмислено покажува дека во Македонија не само што се засилува атмосферата на линч врз критичарите на власта, туку, се поочигледно станува збор за организирана хајка врз активистите и новинарите која поттикнува и спроведува директно физичко насилство.
Нè загрижува и јавниот настап на премиерот Никола Груевски во Охрид, кој наместо да повика на смирување, дополнително ја вжешти атмосферата со исмејувањето и банализирањето на доставувањето погребен венец во домот на новинарот Борјан Јовановски.
Имајќи го сето ова предвид, уште еднаш ја повикуваме власта да се однесува одговорно, да не ја засилува хајката врз неистомислениците и да ги преземе сите мерки за итно откривање на сторителите на овие кукавички напади.
Ние, пак, граѓаните порачуваме дека ваквото насилство нема да нѐ обесхрабри и како што напиша во својата реакција Димитров, нема да дозволиме стравот да биде темел на нашата иднина“, се вели во реакцијата на АЈДЕ!.
На оваа реакција на АЈДЕ! – Платформа за граѓанска политика се придружуваат и: Хелсиншки комитет за човекови права, НВО Инфоцентар, Осми Септември, ЦИВИЛ- Центар за слобода, ХЕРА, Македонски центар за европско образование, Фондација Отворено општество-Македонија, Центар за развој на медиуми, Проект-ЕУ Кавадарци, ФОРУМ-ЦСИД, Метаморфозис, Центар за стратегии и развој Пактис-Прилеп, Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, СТАР-СТАР Скопје, ЦСЦД-Дебар, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Центар за современи уметности, Факултет за работи што не се учат, Патокази Гевгелија