Митрополит повардарски Агатангел, заедно со свештенството, испрати писмо до јавноста, во кое дава поддршка на прогласот „Македонски манифест до домашната и до меѓународната јавност, по повод засилениот притисок врз Република Македонија да го промени уставното име”.
Владиката, заедно со свештенството во оваа епархија, се согласува дека преговорите во Обединетите нации, кои де факто водат кон промена на нашето древно и единствено име Македонија, треба да се прекинат веднаш.
„Ваквото свое мислење го темелиме на фактот дека при овие преговори очигледно се фаворизираат и се води грижа само за грчките националистички и радикални ставови. Преговорите, во суштина, имаат за цел единствено промена на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, што се разбира дека ќе доведе и до промена на името на Македонската православна црква“, стои во писмото.
Промената на името не треба и не смее да биде третирано како дневно политичко прашање.
„Наша единствена алтернатива како македонско општество и како македонски народ е да напредуваме во добрината, работливоста, мирољубивоста и хуманоста. Европа е лулка на културата, слободата, цивилизацијата и науката – овие европски вредности треба да се стремиме да ги усвоиме. Но, во исто време треба да знаеме дека Европа е и дом на корумпирана бирократија, политичко лицемерие, уникатен неморал, еврејски гетоа и концентрациони логори“, пишува во писмото потпишано од митрополитот Агатангел.
„За нас Македонците секоја додавка или придавка кон нашето име ќе има суштински поместувања во нашиот национален идентитет. Повеќе од 20 години се врши притисок врз македонското национално битие дека нема друга алтернатива за нас освен самите да се укинеме како македонски народ. Напротив, наша единствена алтернатива како македонско општество и како македонски народ е да напредуваме во добрината, работливоста, мирољубивоста и хуманоста. Овие доблести никој нема да ни ги подари, туку треба самите да ги усвоиме и да ги живееме.
Европа е лулка на културата, слободата, цивилизацијата и науката – овие Европски вредности треба да се стремиме да ги усвоиме. Но, во исто време треба да знаеме дека Европа е и дом на корумпирана бирократија, политичко лицемерие, уникатен неморал, еврејски гетоа и концентрациони логори.Политичкото слепило и лицемерие е особено јасно видливо од последната изјава на г. Аиво Орав, кој во својство на грчки амбасадор и адвокат ни покажа дека не прави разлика помеѓу тоа што претставува вето, а што консензус“, стои во соопштението од Повардарската епархија.
За разлика од него, хашките судии и голем број светски интелектуалци, го немаат овој дислексичен проблем. Крајно време е некој на овој господин да му укаже дека тој не е амбасадор во „Вашата земја”, туку во Р. Македонија и дека неговото инсистирање на вакво ословување на државата – домаќин е налудничав нацизам, преоблечен во наводна дипломатска смиреност и студенило, својствен за Гебелс и неговите нови следбеници.
Македонија и македонскиот народ поминале низ многу тешки периоди во својот историски развој, а сигурни сме дека ќе ги преброди и современите предизвици и искушенија. Така ќе биде зашто правдата и вистината се на наша страна, а каде е правдата и вистината, таму е и силата Божја, пишува Митрополитот.