Адвокатската комора на Република Македонија денеска одбележува 72 години самостојна и независна јавна служба, заштитувајќи ги човековите права и слободи на рамниште на европските и светските стандарди.
– Задоволство ми е што македонската адвокатура перманентно го зазема своето место во системот штитејќи ги правата на граѓаните. Тоа релативно успешно се реализа и во вакви тешки околности со кои се среќаваме и со негирањата на улогата на адвокатот, изјави претседателот на АКРМ Никола Додевски на одбележувањето на Деновите на македонската адвокатура.
Тој посочи дека во иднина ќе се работи на подобрување на законската легислатива со што, како што додаде, ќе се помогне во остварување поефикасна заштита на граѓаните и ќе се подобри разбирањето на улогата на адвокатите.
– Без адвокатите не се може. Едноставно секој доаѓа во позиција да побара адвокат, да се потпре на неговата правна помош и дел од животот да му зависи од стручноста и компетентноста на адвокатите. Тоа е целта на македонската адвокатура, која се надевам во иднина ќе биде се поуспешно реализирана, рече Додевски.
Поздравни обраќања пред присутните ќе имаат третот потпретседател на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа Ранко Пелицариќ, претседателот на Врховниот суд на РМ Јово Вангеловски, претседателот на Здружение на судии Џемали Саити, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Анета Арнаудовска и претседателката на Здружение на јавни обвинители на РМ Спасенка Андонова.
Во рамки на Деновите на македонската адвокатура, АКРМ ќе го одржи и 62. Годишно собрание на кое ќе бидат разгледани досегашните активности на Комората.