Kомандантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Брус Клинган, денеска во рамки на дводневната официјална посета на Македонија, имаше средба со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и со министерот за одбрана Талат Џафери.
На средбите, пред адмиралот Клинган се презентирани трансфомацијата на АРМ, искустватата од мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН, декларираните капацитети на АРМ за поддршка и учество во мисиите и учеството во пост-ИСАФ.
Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Котески ја потенцирал заложбата и аспирациите на Република Македонија за полноправно членство во НАТО, како и посветеноста на АРМ за понатамошно одржување на достигнатите интероперативност и оперативна способност за учество во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН.
Тој посебно го нагласил спроведувањето на Концептот за оперативни способности на НАТО, кој АРМ доследно го применува за оценување на своите декларирани единици, при што потсетил на претстојното оценување на средната баталјонска пешадиска група и полската болница – рол 2 кое ќе се реализира во текот на месецов.
Адмиралот Клинган истакна дека е импресиониран од придонесот кој Република Македонија и АРМ го даваат со учеството во мировните мисии, додавајќи дека соработката со АРМ игра значајна улога во реформските процеси на Армијата, како и во донесувањето на важни одлуки во планирањето на операциите на Алијансата.
Тој искажал благодарност за поддршката на АРМ на силите на КФОР во Косово, како и за придонесот во мисиите АЛТЕА во Босна и Херцеговина и ИСАФ во Авганистан, додавајќи дека денешната посета ќе даде нов импулс во односите помеѓу Командата на здружените сили на НАТО во Неапол и АРМ.