Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска не прецизира дали државен испит ќе остане како идеја и во концептот за законски текст за високо образование кој работните групи треба да го состават по сеопфатна анализа на состојбата, како што беше договорено на првата официјална средба на сите засегнати страни, во четвртокот во Ректоратот на УКИМ.
– Во овој момент не би сакал да навлегувам во суштината на концептот, затоа што тоа ќе треба да го подготват работните групи. За мене, како министер, и за Владата, е многу битно што веќе има конструктивен дијалог меѓу сите засегнати страни во високото образование, рече Адеми, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Програмата за соработка со хрватскиот министер за образование Ведран Морнар.
Адеми соопшти дека во првата половина на април МОН ќе организира голема конференција за високото образование на која ќе учествуваат домашни и странски експерти.