Го цениме тоа што напредокот во Македонија е препознаен во заклучоците на Советот на министри на ЕУ. Но, разочарани сме што повторно нема одлука за датум за почеток на заслужените пристапни преговори на Македонија. Јасно е дека ова претставува пропуштена можност суштествено да се придонесе кон постабилен и попросперитетен Балкан.
Ова се позициите кои премиерот Никола Груевски ги изнесе пред шефовите на држави и влади и лидери на политичките партии членки на Европските народни партии ЕПП, на Самитот на ЕПП каде што се европските најјаки земји и лидери и тоа директно. На собирот што се одржува во Кралската академиja во Брисел, тој го поздрави заклучокот со кој проширувањето останува клучна политика на ЕУ и најави уште посилен ангажман на реформите.
– Сакам искрено да им се заблагодарам на сите земји членки и на институциите на ЕУ кои работеа напорно за постигнување прогрес во однос на досието за проширување на Унијата. Ние нема да ги разочараме и ќе ги удвоиме сите наши напори во рамки на реформите и дијалогот, рече шефот на Владата.
Не е прв пат да се соочиме со блокада. Нашиот јужен сосед, додаде, ја фаворизира праксата на непочитување на меѓународното право и на непридржување на преземените обврски. – Тоа е предизвик за кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ. Нашиот одговор е вистински европски. Ќе продолжиме со реформите, ќе се ангажираме со сите сили за ширење на мирот, довербата и стабилноста во Југоисточна Европа. Верувам дека ова ќе биде вреднувано повеќе отколку праксата на блокади да се претставува поатрактивна, истакна премиерот Груевски.
На Самитот на ЕПП присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Романија Трајан Басеску, како и премиерите на Луксембург Жан-Клод Јункер, на Унгарија Виктор Орбан, на Полска Доналд Туск, на Бугарија Бојко Борисов, на Грција Андонис Самарас, на Албанија Сали Бериша, на Словенија Јанез Јанша, на Шведска Фредрик Рајнфелт, на Летонија Валдис Домбровскис, на Малта Лоренс Гонци, на Финска Јурки Катаинен, на Португалија Педро Пазос Коељо и на Молдавија Влад Филат. Како почесни гости најавени се претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј и првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. Самитот на ЕПП, која е најбројна партија во Европскиот парламент, на својата агенда ја има подготовката за самитот на Европскиот совет кој започнува попладнево.
На маргините на самитот на ЕПП предвидени се билатерални средби на премиерот Груевски.