Од Општина Кисела вода писмено реагираа на прес конференцијата на Филип Темелковски од СДСМ во која што тој посочи на руинираната инфраструктура во општината.
„Најостро ги демантираме наводите изнесени на прес конференцијата на Претседателот на ОО СДСМ Кисела Вода, Филип Темелковски кои се во целост неточни и имаат за цел да ја дезинформираат јавноста и да го оттргнат вниманието од она што е постигнато во општина Кисела Вода во изминатиот период.
Ве уверуваме, а жителите на општината тоа добро го знаат бидејќи секојдневно се тука, дека роковите за предвидените градежни активности се запазуваат и се превземаат сите мерки за граѓаните да имаат олеснета сообраќајна комуникација во периодот додека се врши градежниот зафат. Се прават и чести увиди на терен, редовно се дискутира со локалното население околу потребите што ги има, се врши контрола на градежните фирми кои работат. Како резултат на посветената работа на градоначалникот Беличанец- Алексиќ и на советниците, секогаш во интерес на граѓаните, произлегоа огромен број на проекти. Дали г-дин Темелковски знае за целосната реконструкција на улица “Саса 2” во Пинтија? За реконструкцијата на “Христо Татарчев”, крак 23 во Припор? За реконструкцијата ул. “Христо Узунов” во Црниче? За “Мишко Михаjловски”, “Марко Цепенков” и улицата “345”…?
Г-дине Темелковски, недозволиво е да ги потценувате граѓаните со вашите лаги. Жителите на Општина Кисела Вода, се добро информирани за секој градежен зафат што се случува, бидејќи голем дел од реконструкциите на улиците, обновата на инфраструктурата, произлегла од нивните барања и потреби. Тие се резултат од нашата секојдневна комуникација. Средбите во кабинетот на градоначалникот Беличанец-Алексиќ и во просториите на месните заедници, непосредната комуникација со советниците…
Воедно, заради кредибилитетот пред граѓаните, го советуваме г-динот Темелковски пред било која прес конференција добро да се информира и подготви. Градежните дејствија кои се одвиваат на булевар, не само на “Борис Трајковски”, но и на секој друг булевар, не се во надлежност на градоначалникот на општината. Ингеренциите во делот на градежните активности на булеварите се во надлежност на градот Скопје. Нешто што еден политичар, секако би требало да го знае. А граѓаните тоа добро го знаат.
Она што сакаме да го потенцираме е дека Општина Кисела Вода продолжува како и досега, да работи во интерес на граѓаните“ стои во реакцијата од Општина Кисела Вода