Принцези и принцови, математичари и спортисти, пеперутки и детелинки, денеска децата од градинката “13-ти Ноември“ ги забавуваа присутните во Македонската опера и балет, заедно прославувајќи ја 65 годишнината од постоењето на нивната градинка.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, честитајќи го големиот јубилеј, потсети на мисла на Барбара Џонсон, познатата професорка од Харвард.
“Ако сакаме да бидеме присутни во мислите на нашите деца и утре, треба да бидеме присутни денес. Ќе можеме да кажеме дека сме успеале во тоа што го правиме, ако тоа Ви го кажат децата“, рече градоначалникот Жерновски.
На 65 годишниот јубилеј, децата од градинката “13-ти Ноември“ добија и нови, современи, модерни и еколошки услови за престој и воспитување.
Општина Центар, која минатата година го изгради новиот објект на градинката “Кочо Рацин“ и наредната година продолжува со грижата за најмладите со реконструкција на градинката “Р.Ј. Корчагин“.
Градинките во Центар чекорат со времето, внесувајќи новитети во работата, кои му овозможуваат на секое дете правилен и целосен психофизички развој за среќно и безбедно детство.
Активностите и 65 годишниот историјат на градинката “13-ти Ноември“ е вклопен во публикацијата “Децата од сите страни во среќна детелинка се збрани“.
Успешната приказна, вели директорката на градинката, Лидија Пецова, е посветена на сите оние што биле или сеуште се вклучени во развојот на градинката, кои оставиле свој печат, на сите вработени, а пред се’ на стремежот за најмалите и најмилите – децата.