65-годишен човек од вчера по болничките ходници чека хоспитализација поради Ковид-19

Од:

Со сатурација 80, и во лоша состојба, 65-годишниот Сафет Шакир од вчера чека да биде хоспитализиран поради Ковид – 19. Неговото семејство во неможност да стори било што, се обрати до нашата редакција, со барање за помош.

Тие велат дека со часови се префрлани од клиника на клиника, во ковид-центрите, но дека секаде ги одбиваат со образложение дека нема место. Во меѓувреме, Шакир чека во болничкиот ходник на Клиниката за трауматологија, откако претходно бил вратен од Инфективната клиника и од Клиниката за неврологија каде што има ковид-центри.

„Татко ми е дијабетичар, срцев болесник, со вграден пејсмекер и сатурација 80. Од вчера вечерта се обидуваме да го хоспитализираме, но залудно. Избезумени сме. Човекот едвај дише, а со часови седиме во болничкиот ходник, никој ништо не ни кажува, само не препраќаат од клиника до клиника“, вели неговиот син Арет.

Позитивниот тест за Ковид-19 Шакир го добил вчера во приватна болница, од каде рекле дека веднаш му е потребна хоспитализација.

Извештај од Инфективната клиника во кој се тврди дека нема слободни места за хоспитализација

„Немавме пари за да платиме хоспитализација на приватно и веднаш се упативме на Инфективна. Оттаму ни издадоа документ во кој се вели дека треба хоспитално лекување, но дека се упатува на друга клиника, затоа што нема место. Се вративме дома, утринава состојбата му се влоши, викнавме Брза помош, дојдоа, но не знаеја каде да го носат. Еве уште се со нас, се координираат, го однесоа на неврологија, па потоа не пренасочија на трауматологија. Тука пак, ни велат ‘нам никој не ни кажал дека треба да се прими пациент’“, сведочи синот на Шакир додека чека со својот татко да биде примен на лекување.

Упат од ковид-центарот при Клиниката за неврологија за хоспитален третман на Шакир

Според Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1082, а има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите низ Македонија.

Вкупно 463 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во Скопје. Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, од денеска отворен е и ковид центарот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за трауматологија.

Утрово до 8 часот имало 50 слободни болнички кревети во Скопје, а според Министерството, се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски