До 15 часот одѕивот на изборите е 34,22 отсто. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски извести дека и попладнево продолжува трендот на поголема одѕив во споредба со првиот круг. Одѕивот во првиот круг при пресекот во 15 часот бил 31,47 отсто.
До 15 часот најголем е одѕивот во Вевчани 66,54 отсто, а најмал повторно во Сарај, каде на гласање излегле 16,38 отсто од запишаните гласачи.
„Немаме пријави за неправилности на ниту едно избирачко место и засега гласањето тече мирно. Се надевам дека така ќе продолжи и ги повикувам сите граѓани и кои досега не го направиле тоа да излезат и да го остварат своето гласачко право“, рече претседателот Даштевски.
Во Државната изборна комисија пристигнале 311 приговори од кои 268 се прифатени, 25 се одбиени, а 18 од гласачите било утврдено дека ги има во Избирачкиот список.
Гласањето во цела држава се одвива со користење на уредите за биометриска идентификација и без проблеми.