Алијанса на Албанците го блокираа и Законот за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани, со кој требаше на 22 илјади граѓани да им се исплати помош од по 6.000 денари. Со законот требаше да се продолжи рокот за исплата на средствата до 31 март годинава, за да може Владата да ги ажурира списоците за „Купувам домашно“ и граѓаните со блокирани сметки чии банки одбија да им отворат потсметки, да бидат префрлени во други банки кои имаат таква можност. Партијата Алијанса за Албанците го блокирала законот со од прилика 1.000 амандмани, според изјавата на нивниот пратеник Сурија Рушити за „А1он“, кој кажа дека за сите закони имаат поднесено околу 18.000 амандмани. Ваквото блокирање на Законот е поради тоа што нив им е одбиен предлогот содржан во Законот за државјанство, со кој, со три сведоци ќе може да се добие македонско државјанство. Тој вели дека остануваат на ставот од кој нема да отстапат, па ниту за конкретниот закон за помош на ранливите категории граѓани.
„Вие знаете дека ние имаме став, се додека нема друг пристап кон Законот за државјанство, да ги блокираме сите други закони. Има категорија граѓани кои се исклучени од правото за државјанство, Владата не сака ни да слуша да го реши тој проблем. Затоа сме принудени на овој чекор. Се надевам дека ќе има слух да се преговара, разговара за донесување на добар закон кој го предлагаме, па да нема потреба за овие другите закони кои чекаат да се блокирани. Тоа е ставот засега и на тоа остануваме. Од прилика за секој закон има по 1.000 амандмани, за конкретниот закон немам точна информација, знам дека околу по околу 1.000 амандмани за законите кои се во тек. Вкупно, вчера/завчера биле 18.000 за сите закони кои се во процедура, можеби за 15-20 закони“, вели Рушити за „А1он“.
Ова значи дека и по четири месеци од реализацијата на четвртиот пакет економски мерки, граѓаните со блокирани сметки од извршителите, чии банки одбиваат да им отворат потсметки – нема да си ја земат паричната помош од 6.000 денари која им следува. Без нов предлог од Министерството за финансии, 22.000 граѓани од најранливите категории, нема да ги земат парите. Во Законот стои: „Основнo решениe на предложениот закон е продолжување на рокот за искористување на финансиската поддршка до 31.03.2021 година“.
„А1он“ веќе објави дека граѓани настојуваат да се најде решение да дојдат до парите кои им следуваат. Во изминатите месеци се обратиле до банките во кои имаат блокирани сметки, без можност за потсметки, од каде што добиле одговор дека средствата ѝ се вратени на Владата и од таму да си ги бараат парите. На веб-страницата „Купувамдомашно.гов.мк“ податоците не им се ажурирани, а во делот „банка“ сè уште им е впишана онаа што одбива да им отвори потсметки и се оградува од исплаќање на државната помош. Од Владата веќе се изјаснија дека застојот е во неусвојувањето на измената на Законот за финансиска поддршка на ранливите категории.