Откако вечерва Централниот одбор на СДСМ го избра новиот мандатар на идната Влада, Димитар Ковачевски, на седницата на партијата се гласаше и за избор на нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ, а министерските функции во новиот владин кабинет ќе се знаат по новогодишните празници.
Потпретседатели на СДСМ повеќе не се Мила Царовска, Венко Филипче и Оливер Спасовски. Потпретседател останува Фатмир Битиќи, заедно со Бисера Костадиновска Стојчевска, Перо Костадинов и ексградоначалникот на Карпош Стефан Богоев.
Нов организациски секретар на СДСМ е Вангел Андрески, поранешен директор на ПОЦ, Бојан Маричиќ е избран за секретар за меѓународна соработка а Миле Зечевиќ за генерален секретар.
„Верувам во нивната чесна и посветена работа во интерес на граѓаните и на СДСМ“, изјави Ковачевски.
Пратеничката Даниела Колева, шефот на кабинетот на Венко Филипче во здравство Дритон Исмаили, поранешниот генерален секретар на партијата Андреј Петров, Мишко Ралев, Никола Рилак се дел од новите имиња на Извршниот одбор.
Освен нив, од актуелните членови остануваат Ана Данева Маркова, Петре Шилегов, Милена Стевановиќ, Костадин Костадинов, Дарко Каевски, Нина Фити. Во тоа тело, ќе ги нема Мухамед Зеќири, Благој Бочварски, Васко Ковачевски.
Освен тоа, креиран е и Совет за креирање и имплементација на политики, за кој Ковачевски кажа дека станува збор за помошно тело на претседателот на партијата кое треба да креира совети и политики и ќе ја следи и забрзува имплементацијата на проекти.
За претседател на советот е избран Игор Ивановски, поранешен пратеник и генерален секретар на СДСМ.
Ковачевски изрази благодарност за досегашната работа на сите кои биле дел од работата на партијата и рече дека се надева дека тие ќе бидат дел и од работата во иднина.
„Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова Влада. Очекувам новата Влада да биде составена кон средината на новиот месец, а пред нас ги имаме енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, преговорите со Бугарија. Сметам дека можеме сите овие предизвици да ги надминеме до 2024 година до кога е и мандатот на Владата. СДСМ почнува нов дел од историјата и верувам дека ќе ги оправдаме очекувањата“, рече Ковачевски.
Ова е новата листа на членови на Извршниот одбор на СДСМ:
1. Ана Данева Маркова, докторка од Клиниката за гинекологија
2. Мишко Ралев, професор, декан на Факултетот за архитектура и дизајн, актуелен претседател на Асоцијацијата на архитекти
3. Нина Фити Неделковска, економски екперт со долгогодишно искуство во банкарствотo
4. Снежана Захариева, доктор-специјалист по анестезиологија, дикректорка на болницата во Куманово
5. Даниела Колева актуелна пратеничка во Собранието, професорка по математика и долгогодишна членка на СДСМ
6. Милена Стефановиќ, доктор – инфектолог, директорка на Инфективна клиника
7. Костадин Костадинов – градоначалник на Струмица
8. Рената Јајоска, досегашна членка на ИО, поранешна членката на Извршниот одбор на СДММ, советничка, потпретседателка на Младите европски социјалисти
9. Мелиса Ценовска Серафимовска, дипломиран економист, со искуство во банкарскиот сектор и јавните финансии
10. Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Скопје
11. Дритан Исмаили, магистар по јавно здравје, Советник во кабинетот на министерот за здравство
12. Тања Томиќ, поранешна пратеничка од СДСМ и генерална секретарка на СДММ
13. Дарко Каевски, пратеник на СДСМ, досегашен член на ИО, поранешен претседател на СДММ
14. Андреј Петров – поранешен генерален секретар на СДСМ, поранешен градоначалник на општина Карпош
15. Ивона Кузмановиќ, советничка во Советот на општина Прилеп
16. Костадин Ацевски, инженер по електротехника, претседател на општинската организација Ѓорче Петров и поранешен пратеник
17. Никола Рилак, поранешен потпретседател на СДММ, член на Комисијата за спорт и член на актуелниот состав на СДСМ