Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, на прес-конференција извести дека имало 14 обиди за напуштање на кризното подрачје во Дебар и Центар Жупа без лекарска согласност, кои биле спречени од полицајците кои се го обезбедуваат реонот.
„Од страна на одделот за Специјални полициски операции, има 14 обиди за напуштање на кризното подрачје без лекарска согласност тоа е на подрачјето на општина Дебар и Центар Жупа. Извршено е обезбедување и придружба на 22 дотури на намирници на територија на кризното подрачје. Овозможено е непречен транспорт на пари до експозитурите на банките и банкоматите на кризното подрачје. Постојано се врши пренасочување на сообраќајот, пренасочени се 9 патни правци, а граѓаните редовно се информираат за состојбата на кризното подрачје“, рече Чулев.
Тој информираше дека околу 180 полициски службеници и 65 припадници на Армијата го обезбедуваат кризното подрачје, со цел, спречување влез и излез од него.
„Дозволено е напуштање на кризното подрачје со лекарска согласност на две бремени жени. Инаку, во рамките на општина Дебар и Центар Жупа во моментот има околу 130 припадници на МВР, додека во периметарско обезбедување се 35 до 50 припадници на одделот за Специјални полициски операции. Исто така, има околу 65 припадници на Армијата, кои работат во делот на обезбедувањето и даваат асистенција на МВР, односно обезбедување на зелениот појас“, кажа Чулев.