Собранието на Македонија денеска на 55. седница треба да гласа за попoлнување на испразнетите места во Владата, по оставките на вицепремиерот за евроинтеграции Теута Арифи и на министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, кои се кандидираа за градоначалници на претстојните локални избори.
Според предлогот што до Собранието го достави премиерот Никола Груевски, со евроинтеграциите треба да раководи Фатмир Бесими, актуелен министер за одбрана, а нов министер за локална самоуправа Тахир Хани, сега заменик-министер за транспорт и врски.
Пратениците треба да се изјаснат и за избор на нов министер за одбрана по испразнетото место на таа функција заради ротирањето на Бесими во ресорот евроинтеграции. Предлогот на премиерот е со одбраната да раководи Талат Џафери, координатор на пратеничката група на ДУИ.
Народните избраници треба да гласаат и за испразнетите места на земениците министри за внатрешни работи, за транспорт и врски, и за финансии, на кои функции според предлогот на премиерот треба да стапат Земри Ќамили, Џељаљ Бајрами, досегашниот заменик за внатрешни работи, и Ардиан Џеладини.
На дневен ред на 55. седница се и Предлогот за именување член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и предлог законите за ратификација на договорите меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Република Албанија за реципрочно признавање на возачки дозволи и за отварање заеднички граничен премин Џепиште-Требиште, и на Спогодбата меѓу Република Македонија и Европската Унија за воспоставување рамка за учество на Република Македонија во операциите на Европската Унија за управување со кризи.
Дел од дневниот ред се Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи, во второ читање, Предлог законот за отпишување камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување, по скратена постапка, предлог законите за изменување и за дополнување на законите за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија и на Законот за денационализација во прво читање.
Пратениците треба да расправат и за предлог законите за регулирање на дел од долгот кон Обединетата банка на Швајцарија, за изменување и дополнување на Кривичниот законик, за катастар на недвижности, сите во прво читање, и за предлог законите за изменување и дополнување на законите за домување, за просторно и урбанистичко планирање и за пожарникарството, во прво читање.