Министерството за образование и наука обучува 1600 наставници за работа со националната платформа за онлјан учење. Наставниците кои не се на обука, а и учениците кои треба да учат од дома, не ја виделе платформата. Иако почетокот на школската година е за помалку од 15 дена, од Министерството уверуваат дека ќе има доволно време за сите да научат да работат на новиот веб сервис.
„МОН во соработака со ФИНКИ и Бирото за развој на образование веќе ги одржува обуките на наставниците кои се прават во три фази. Прво беа обучени 30 мастер тренери од редовите на наставниот кадар од основните и средните училишта, а во тек се обуките на 1.600 училишни обучувачи кои исто така се наставници. Овие училишни обучувачи понатаму ќе треба да го пренесат знаењето за користење на платформата на своите колеги во училиштата, осносно на сите преостанати наставници во државата“, велат од Минситерството за образование за „А1он“.
Новата министерка за образование и наука, Мила Царовска, минатата недела најави јавна презентација на платформата која кажа дека ќе биде наскоро, а од Министерството денеска не прецизираат кога пред сите ќе ја претстават новата платформа и како таа ќе функционира. Пред една недела министерката Царовска, објасни дека на новата платформа, комуникацијата меѓу учениците и наставниците ќе биде двострана.