ВИДЕО: Кривична пријава против кумот на Ковачевски – осомничен за лажно спроведен надзор за улично осветлување во Гази Баба

Од:

Кумот и екс бизнис партнер на премиерот Ковачевски, Горан Паунов е осомничен за лажно спроведен надзор за изградба на нови линии и одржување и реконструкција на постојна мрежа за улично осветлување во општина Гази Баба, дознава „А1он“. Паунов е еден од лицата осомничени во кривичната пријава за тендерот кој е реализиран минатата година во време на екс градоначалникот на СДСМ, Борис Георгиевски.

Се работи за тендер во кој се склучени три договори, од кои два со компанијата „Електромикиица ДООЕЛ“ за изградба на нови линии и реконструкција на постоечка мрежа за јавно осветлување, вредни 11 милиони денари, додека компанијата на Паунов „ЕМГ ЕОЛ Квазар“ била ангажирана за спроведување на надзорот, за сума од 500 000 денари.

Дека институциите водат постапка, за „А1он“ потврдија и од Гази Баба, од каде ни одговорија дека уште на почетокот на јануари, градоначалникот Бобан Стефкоски донел решение за формирање на Комисија за проверка на извршувањето на договорите со јавното осветлување во општината. Еден месец подоцна, во февруари, ги доставиле бараните информации до обвинителот Љубомир Јовески, Обвинителството за организиран криминал и корупција и Финансиската полиција.

„Комисијата имаше за задача да изврши проверка на договорите и за истото да достави извештај до градоначалникот на општина Гази Баба. На 20.01.2022 година, до градоначалникот е поднесен извештај од страна на Комисијата, во кој заклучок утврдила дека постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите од страна на економскиот оператор, односно истите не се совпаѓаат“, одговорија од Гази Баба на прашањата на „А1он“.

Како што дознава „А1он“ доставените фактури до општината се однесуваат за работи кои дел биле извршени, а дел воопшно не биле изведени, со потпис на компанијата изведувач „Електромекиица“ и надзорниот орган Горан Паунов од „ЕМГ ЕОЛ Квазар“.

Во моментот, кривичната пријава се наоѓа во Скопското јавно обвинителство. Од таму, за „А1он“ велат дека предметот е оформен по известување од општината до Обвинителството за организиран криминал, а кон него е споена и кривичната пријава од Управата за финансиска полиција од 4 мај 2022 година.

„Пријавата е против 3 физички и 1 правно лице за кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство. Јавниот обвинител од Обвинителството за организиран криминал и корупција, постапувајќи по пријавата, издаде наредба до Министерството за внатрешни работи да се направат неопходните проверки, по што согласно испитаните факти предметот на 05.08.2022 година беше доставен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје. Веднаш по приемот, предметот е распределен кај надлежен јавен обвинител кој постапува за да ги провери наводите во пријавата“, велат од Скопското обвинителство за „А1он“.

Кумот и екс партнер на премиерот Ковачевски во компанијата за фотоволтаични модули „Пиксел Гроуп“, деновиве се во фокусот во јавноста, но, не само фирмата во која до 2018 година беа сосопственици, туку и за „ЕМГ ЕОЛ Квазар“. Како што веќе објави „А1он“, „Пиксел Гроуп“ во изминатите години добивала финансиска поддршка од државата, додека другата компанија „ЕМГ ЕОЛ Квазар“ успеала да добие преку 30 тендери во поголем број општини и јавни претпријатија во државата, во вредност од 1,5 милиони евра.

Претходно, „А1он“ објави и дека компанијата на Паунов „Пиксел Гроуп“ влегува во нова инвестиција и тоа заеднички со бугарската „АЕ Солар Хоризон АД“, компанија на поранешен заменик министер од Бугарија, Илко Јоцев. Тие заеднички летово ја формираа компанијата „АЕ Солар АД Тетово“ во тетовската индустриска зона.

Со оглед на тоа дека ваквиот тип инвестиции во технолошката зона имаат и одредени ослободувања, тоа значи дека компанијата во која ко-сопственик е кумот на премиерот, може да аплицира и за државна помош од Владата на Ковачевски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Ковачевски: Македонија заслужува европска иднина, нема откажување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Ковачевски: Си ги знаеме грешките, пред граѓаните е изборот за европска иднина на државата

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Ковачевски: СДСМ со граѓанското општество направи многу исчекори, заеднички ќе ја исполниме и целта за членство во ЕУ

Орце Костов

(ВИДЕО) Ковачевски: ЕУ не беше фер, но нема откажување од европската иднина

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Со влез во ЕУ, просечната плата од 1300 евра и 800 евра минимална плата

Катерина Ѓуровски