Си-ен-ен – Атланта
Дали „најбезбедните банки во светот“ ја губат довербата на клиентите? Зошто сè повеќе луѓе ги повлекуваат парите и ги ставаат во приватни сефови? Одговорот на овие прашања не е лесен.
Швајцарските приватни банкари се жалат дека некои од нивните клиенти повлекле голем дел од своите пари од банките за сами да ги чуваат, и покрај фактот дека оваа земја има репутација на најбезбедно и најсигурно место во светот за чување пари.
Овој потег на богатите дојде по пет години негативни каматни стапки.
Тоа е последица на политиката што требаше да спречи понатамошно зајакнување на франкот, односно политика што од приватните банки бараше на Швајцарската национална банка да ѝ плаќаат надомест за чување пари во нивните сефови. Некои од овие трошоци банките им ги пренеле на некои од своите најсилни клиенти.
Чувањето пари чини пари
Ова не им се допадна на оние кои беа навикнати да заработуваат од парите што ги дале за штедење, а за чие чување сега мораат да плаќаат, па затоа бараа други опции за нивно чување. Неколку клиенти си ги зеле парите за да ги стават во приватни сефови, тврдат официјални лица на тамошните неколку банки.
„Банката разгледува опции со клиентите. Ако ни дозволат да направиме други работи на кои ќе заработиме пари, тогаш не го наплатуваме штедењето, но банките полека почнаа да ја губат можноста за избор во обидот да најдат начин да не наплатуваат за чување големи суми“, вели Норман Виламин од приватната банка на УБП. Така, некои банки биле доведени пред „свршен чин“ и морале да почнат да им наплатуваат на најважните клиенти.
Негативните каматни стапки, кои се појавија во 2015 година во Швајцарија, им отежнаа на тамошните банки да профитираат од заеми и хипотеки. Креди Свис, швајцарска инвестициска банка, објави минатата година дека ќе мора да примени негативна каматна стапка од 0,75 проценти за износи поголеми од два милиони швајцарски франци. Тоа значи дека за клиент кој сака да стави на штедење три милиони франци во една година банките ќе треба да наплатат 7.500 франци.
А што се случува кога ќе се повлечат парите?
Ако клиентите сакаат да ги повлечат своите пари од банката, тие наидуваат на комплицирана логистика. Тие прво мора да најдат место за нивно чување и да направат финансиски план.
Лудвиг Карл, портпарол на Свис голд сеф, која издава сефови во Швајцарија и Лихтенштајн, вели дека побарувачката за сефови од неговата фирма е зголемена од 2015 година.
Повлекувањето големи суми од швајцарските банки исто така може да има негативни последици доколку клиентите по некое време одлучат да се вратат во банката. Ако клиентот дојде со, на пример, 800.000 франци во готово по пет до 10 години, банката би поставила многу прашања.
Поради новонастанатиот тренд, Швајцарската национална банка во септември минатата година објави дека ќе ја крене горната граница за плаќање негативна каматна стапка, така што сумата што банките можат да ја прифатат за штедење без плаќање надомест ќе биде поголема.
Сепак, Швајцарското здружение на банки уште следниот месец објави извештај во кој се вели дека „негативните каматни стапки повеќе не ја задоволуваат својата економска цел“, а Европската централна банка, која ги следи негативните каматни стапки во 19 земји што користат евро од 2014 година, исто така се соочи со барања за испитување на негативните ефекти од таквата политика.