Земјоделците со предупредувачки протест во Прилеп

Од:

Земјоделците од повеќе реони и од речиси сите гранки денеска се собраа на предупредувачки протест во центарот на Прилеп. Прво маршираа низ булеварот „Гоце Делчев“, а потоа се обратија пред зградата на локалната самоуправа.

Главно, бараат исплата на сите заостанати субвенции, мерки, ковид пакетите за тутунарите и за лозарите, повлекување на законите за зелена такса и за продажба на земјоделското земјиште.

Според Игор Мирчески, координатор на пет земјоделски здруженија проблемите се напластени.

– Со неисплатени субвенции, мерки, подмерки, ковид пакети за тутунарите и лозарите, со најави за закони за зелената такса и за продажбата на земјоделското земјиште и со куп проблеми, ситуацијата за земјоделците е тешка. Решивме да го направиме овој предупредувачки протест токму на ден Петровден да го кренеме гласот и да ги предупредиме надлежните дека во државата земјоделството не ни оди на добро. Да земат предвид дека оваа категорија ја рани нацијата и финансиски придонесува во буџетот, изјави Мирчески нагласувајќи дека протестот не е партиски.

Стојче Ташовски, претставник на оризопроизводителите од Кочанско изјави дека оризопроизводителите имаат проблеми со откупот и непродаден лански род, а на прагот е новата жетва.

– И кај нас, оризарите, ситуацијата е катастрофална. Откуп немаме, цената одеднаш падна, а еве за два месеца имаме нова реколта и жетва. Голем проблем е што дури 50-ина насто од ланскиот род е останат, непродаден, вели Ташовски.

За лозарите е најбитно да има гарантирана цена за откуп на грозјето што ја бараат три години.

– Ние бараме од државата и од лозарите да си има заштитна, почетна, најмала цена за грозјето, од која винариите не смејат да одат пониско. Ова го бараме три години и никако се нема слух. Бараме најмалата за вранецот да биде 17 денари, а 15 денари за смедеревката, плус три денари од државата, вели Тане Јошев, регионално здружение „Тиквешки лозароовоштари“ од Кавадарци.

Земјоделците најавуваат радикализирање на протестите низ повеќе региони доколку наскоро не се решат проблемите.

Би можело да ве интересира

Шпиц во наводнувачката сезона, земјоделците бараат повеќе вода и ред при наводнувањето

Надминат проблемот со наводнување на земјоделските површини во Овче Поле

Оризовите ниви во Кочанско половина месец оставени без вода, земјоделците протестираат

Земјоделците од Светиниколско го блокираа експресниот пат Штип – Велес

Горан Наумовски

Земјоделците од Овче Поле утре излегуваат на протест

Националната мрежа на земјоделци бара итна средба со Владата за цената на житните култури