Земјоделците од Гевгелија денеска, со едночасовен мирен протест пред седиштето на СДСМ, изразија незадоволство и револт поради блокадата на донесувањето на буџетот за 2013 година.
Со трактори и истакнати транспаренти, тие го блокираа патот пред зградата на опозициската партија. Побараа од неа конструктивност и, како што рекоа, обзир кон народот.
– Апелираме до СДСМ и нејзините пратеници во Законодавниот дом веднаш да го деблокираат донесувањето на Буџетот. Доколку тоа не се случи, директно ќе бидат одговорни што нема да ги добиеме земјоделските субвенции, што не ќе може да се имплементира програмата за рурален развој и што ќе бидеме оневозможени прв пат да добиеме финансиска помош за набавка на земјоделска механизација преку ИПАРД програмата, истакна Васко Илков, претседател на Сојузот на земјоделците од општина Гевгелија.
Илков повика на разумност од страна на опозицијата и побара преку дебата во Собранието да се најде начин за деблокада на донесувањето на буџетот.