Утре влегуваат во владина процедура измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кои треба да се воведе „зелена нафта“, најави ресорниот министер Љупчо Николовски.
Согласно измените, државата ќе покрива до 50 отсто од трошоците за гориво во земјоделството, а секој регистриран земјоделец (земјоделско стопанство) ќе добие платежна картичка за купување „зелена нафта“.
„Зелената нафта“ од Министерството за земјоделство изминатите месеци се најавуваше како решение кое ќе го ублажи ударот од зголемувањето на акцизата за дизел горивото воведено во ноември 2017.
– Целта на измените е намалување на производните трошоци и поконкурентно производство, беше ставот на МЗШВ, а така стои и во предлог-текстот.
Земјоделците, пак, кои по одлуката за зголемување на акцизата беа поделени во ставовивте, сега се единствени и го поздравуваат воведувањето на „зелената нафта“. И тие сметаат дека оваа мерка значително ќе ги намали производните трошоци, што ќе значи поконкурентно производство.
– „Зелената нафта“ ќе го ублажи ударот од зголемувањето на акцизата за дизел горивото. Практично, ќе купуваме нафта по двојно пониска цена од продажната. Ако литар чини 60 денари, за нас ќе биде 30, вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.
И според Весна Јаневска, производител на грозје, праски и зеленчук од Росоман, оваа мерка е добредојдена за земјоделците.
– Досега не сме имале ваква поддршка. Производството ќе биде поефтино, а тоа значи и поконкурентна цена. Сепак, иако мерката е добра, мора да се води сметка правилно да биде распределена, додава Јаневска.
Националната федерација на фармери (НФФ) според која, секој дополнителен трошок и евентуално поскапување влијае врз земјоделството, исто така очекува „зелената нафта“ да го ублажи ударот од зголемувањето на акцизата за горивото.
Во ноември лани, со законски измени, за три денари се зголеми висината на акцизата на дизелот кој се користи како погонско гориво, како и на гасното масло што се користи како гориво за греење. Акцизата за нафтата, пак, се зголеми за три денари по литар, а тоа повлече поскапување на дизел горивото за 3,5 денари. Образложението на министерот за финансии Драган Тевдовски тогаш беше дека акцизата на нафтата се зголемува за да се намали употребата на дизел горивата.