Здружението на пензионери од Кавадарци е против новиот предлог закон на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија за пензионерско организирање, вели Ристо Анѓушев, претседател на Управниот одбор на кавадаречкото здружение. Тој посочува дека новото предлог законско решение не носи ништо ново, туку само ја ограничува работата и комуникацијата во здруженијата.
– Тој предлог-закон имаше обиди да се донесе и во 2012 година, а ние и тогаш бевме против такво нешто. Во него не се предвидува ништо ново, од она што го има во Законот за здруженија и фондации. Има неколку новини со кои Сојузот сака да се наметне врз здруженијата и да им се меша во автономијата. Сака да дава мислења за кадровската политика во здруженијата, мислења за финансиите, а здруженијата да се обврзани да доставуваат извештаи до Сојузот. Според мене, токму Сојузот треба да ни дава нам на здруженијата извештај бидејќи ние го формираме и сме негова база, го финансираме. А предвидуваат и казни за здруженијата. Немаат никакво право да не казнуваат со 200 до 300 евра, ако не се придржуваме до политиките на Сојузот, дециден е Анѓушев.
Тој потенцира дека со предлогот за нов закон не се согласувале пензионерите од здруженијата од Вардарски регион, па покренале иницијатива за формирање на свој сојуз. Тоа не значи, додава, дека се делат од републичкиот Сојуз, сакаат и понатаму да се дел од него. Но, да имаат автономија.