Заврши првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2022 година

Од:

Заврши првиот ден од расправата за Предлог-буџетот за 2022 година на собраниската Комисија за финансирање и буџет. За пратениците од владејачките партии тој обезбедува редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења. За опозицијата, ова е историски највисок буџет, нереален и неразвоен, проектиран на целосно погрешни основи.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, во своето експозе истакна дека буџетот има четири основни цели: продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, економско заздравување и забрзување на растот, зголемување на инвестициите, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка на реформите во правосудството и евроаталнските интеграции.

-Државата ќе позајмува само за капитални инвестиции, кои ќе донесат поквалитетен живот за граѓаните, рече Бесими.

Пратениците од опозицијата сметаат дека со буџетот не се предвидени средства за справување со последиците од енергетската криза.

– Ова е буџет со висок буџетски дефицит од 4,3 проценти, кој ќе донесе и рекорден јавен долг 65,9 проценти од БДП со што во прашање се доведува фискалната одржливост, односно дали државата ќе може да си ги плаќа сопствените обврски, потенцира пратеникот Љупчо Пренџов.

Пратениците од СДСМ реплицираа дека буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента.

Пратеникот од редовите на социјалдемократите Диме Велковски рече дека, има средства и за решавање на енергетската криза.

– За ова политичките партии најмалку треба да зборуваат зашто од осамостојувањето на државата до денес немаат ништо направено, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, потенцира Велковски.

Тој истакна дека во 1988 година е изграден последниот енергетски објект – РЕК Битола.

– Се увезуваше струја и пред седум и пред осум и пред десет години и затоа, некоректни се обвинувањата од опозициските колеги. Да се обвинуваме во овој дел е некоректно. Сите знаеме каква технологија имаме, тоа е критика за сите нас, напомена Велковски.

И другите негови сопартијци говореа дека ова што се случува во енергетиката, не е последица само од владеењето на СДСМ, туку и од претходните власти.

Комисијата за финансирање и буџет утре до 12 часот ќе ја продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2022 година.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Приоритет ќе бидат когенеративните термоцентрали да изградиме четири или пет такви

(ВИДЕО) Лукаревска до Мицкоски: Го уништивте Скопје, каде ви се автобусите што ги ветувавте?

Мицкоски: Состојбата во Буџетот која што ја наследивме беше алармантна

Вучиќ: Нема да успеат, Србија нема да застане

Брнабиќ: Погазувајќи го достоинството на Собранието, се радуваат оние кои не сакаат просперитетна Србија

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025