Претседателот на Владата Зоран Заев денеска одржа работна средба со претседателот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски и претседателите на неколку грански синдикати од јавниот сектор: Љубиша Каранфиловски на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Миќо Стојановски на Синдикатот на работниците од сообраќај и врски и на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, во присуство на Слободан Трендафилов од ССМ.
Како што соопшти владината прес-служба, на работниот состанок, остварен на барање на синдикалните лидери била поздравена поддршката и изразениот слух на Владата за остварување на работничките права и постигнување на социјалниот дијалог во насока на социјално-економска поддршка на работниците.
– Владата останува главен поддржувач на работниците и сметаме дека синдикалното организирање е здраво за државата, како сериозен коректив во функција на балансирање при уредувањето на работничките права, во јавните институции и приватниот сектор, рече Заев, кој нагласи дека социјалниот дијалог продолжува.
На темата за работничките права бил истакнат позитивен амбиент во однос на започнувањето на разговорите и преговорите за потпишување на новиот Општ колективен договор за вработените во јавниот сектор, а заклучок, како што посочуваат од Владата, е дека е потребно следење на процесите и анализа за донесување најповолни решенија за исплата на К-15, односно регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор.
На средбата се разговарало и за унапредување на мерките за надминување на сивата економија, отворање нови работни места и подобар економски статус на сите работници, без разлика дали се во приватниот или јавниот сектор.