Заев на средба со делегација на ЕБОР: Отвораме перспективи за соработка за зајакнување на приватниот сектор и на проекти за јавно приватно-партнерство

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска оствари средба со висока делегација на Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) којашто е во официјална посета на нашата земја, предводена од директорот на банката за Холандија, Кина, Монголија, Арменија и Република Македонија, Франс Викер и директорката на банката за Полска, Бугарија и Албанија, Виолета Барвицка Лофтхаус.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата директорите на ЕБОР ги пренесоа честитките од менаџментот до премиерот Заев и до граѓаните за постигнатиот историски успех за пристапувањето на земјата во НАТО со потпишувањето на пристапниот протокол за членство од страна на земјите членки на Алијансата во седиштето во Брисел. Во таа насока, се посочува, беше истакнато дека со зачленувањето во НАТО, најмоќниот воен сојуз се гарантираат безбедноста и стабилноста, се зајакнува довербата на инвеститорите и се отвораат економските перспективи за развој.

-Европската банка за обнова и развој е голем пријател на нашата земја и тоа пријателство е потврдено уште од периодот на нашето осамостојување. Денешната средба со делегација на Одборот на директори на ЕБОР на овој историски ден за нас е уште една голема потврда дека во иднина соработката ќе се продлабочува и ЕБОР со својата експертиза, искуство и финансиска поддршка ќе ни помага во реализација на проекти кои ќе придонесат за позитивните економски достигнувања и резултати коишто ги очекуваме оваа година, порача премиерот Заев.

Посетата на Република Македонија на делегацијата на Одборот на директори на ЕБОР е во рамки на периодичните посети на банката на земјите со кои соработува со цел одблиску да се согледаат предизвиците, напредокот на реализација на реформите и да се утврдат приоритетите на понатамошната соработка. На средбата станало збор и за новата Стратегија на банката за нашата земја 2019 – 2023 која се очекува да биде усвоена во следниот период и во таа насока било посочено дека приоритетите на банката се совпаѓаат во голема мера со владините политики и приоритети за 2019.

Премиерот Заев ја нагласил големата поддршка и помош што во континуитет ЕБОР и ја пружа на нашата земја во изградба, реконструкција и рехабилитација на патната железничката и енергетската инфраструктура и зајакнувањето на капацитетите и додал дека во иднина соработката ќе се прошири и на поддршка на приватниот сектор во насока на зголемување на конкурентноста и потенцијалите за освојување на домашните и меѓународните пазари.

-Приватниот сектор треба да биде двигател на нашата економија, мора да им помогнеме на приватните иницијативи. Во тој правец нашата заедничка соработка и на проекти од јавно приватно партнерство ќе биде многу значајна за радвижување на економската активност, нагласил премиерот Заев на средбата со висока делегација на Одборот на директори на ЕБОР.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада