Во Предлог-буџетот за 2019 година што вчера јавно беше презентиран пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, предвидени се 1,1 милијарди денари за активните мерки за вработување што е за 10 проценти повеќе во споредба со годинашниот Буџет, а двапати повеќе во однос на минатата година.
Реализацијата на овие мерки, според министерот за финансии Драган Тевдовски, ќе создаде услови за подобро функционирање на пазарот на трудот и за отворање на нови работни места. Согласно проекциите за идната година, се очекува намалување на невработеноста на околу 20 проценти и покачување на номиналната нето-плата за 4,5 проценти.
Во Предлог-буџетот за 2019 година предвидени се и повеќе средства за поддршка на стопанството, односно планирани се речиси три милијарди денари со кои ќе се поддржат новите инвестиции, извозот, малите и средните претпријатија, иновативноста и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони.
Од Министерството за финансии најавуваат дека и повратот на ДДВ кон фирмите ќе се одвива навремено и неселективно.
Поддршка ќе добие и земјоделството каде се планирани средства за поддршка на земјоделските стопанства од 30 проценти при набавката на гориво за земјоделска механизација или за зелена нафта.
– Ваква мерка за прв пат се воведува во Република Македонија, со што се намалуваат трошоците за земјоделците, велат од Министерството за финансии.
За 2019 година планирани се вкупно 8,5 милијарди денари за субвенции што е за 60 милиони денари повеќе од планираните средства за годинава или за 820 милиони денари повеќе од 2017 година.