Родот на вишни во регионот на Малеш и Пијанец годинава е преполовен, каде годишно се берат над 2 илјади тони вишни.
Најголемиот откупувач во овој регион „Рудине ММ“ е подготвен за откуп на свежото овошје. Богдан Стојаноски, менаџер во комбинатот истакнува дека од сопствените насади на комбинатот кои се на површина на околу 200 хектари, наместо очекуваните 1.300 тони, ќе наберат едвај 600 тони.
– Во старт значи дека 50 отсто од суровинскиот дел е намален и сите очекувања се сведени на 50 отсто. Кооперантите се во незавидна ситуација и потребно е да дојде до обесштетување од државата, да се субвенционира штетата, бидејќи веќе втора година по ред пролетниот мраз во овој регион прави огромни штети на овошните насади, посебно вишните и сливите, рече Стојановски.
Тој додаде дека сите договори со кооперантите од страна на најголемиот откупувач „Рудине ММ“ ќе бидат испочитувани и целото производство ќе им биде откупено, но цената која се уште е неизвесна, зависи од пазарот.
– Многу е неблагодарно да се зборува за цената, регионот на Србија, Полска, Кина се појавува со готов производ, а годинава се очекува регуларната цена да биде половина од цената на готовиот производ. Очекуваме двојно помали количини, а квалитетот е различен и ценам дека дел ќе има добар квалитет, рече Стојановски.
Според првичните информации и очекувања на производителите, цената би се движела од 30 до 35 денари за килограм во зависност од квалитетот што, сепак, е двојно поголема во споредба со лани.
Од МЗШВ по извршената проценка на теренот, потврдуваат дека штетите од пролетните мразеви во Пијаенц на одделни површини се движи од 30 до 60 отсто. Инаку, бербата на вишната во Пијанец ќе стартува за две недели.