Во петок ќе се знае колку кандидати ќе има за претседател на ССМ

Од:

На претстојниот Вонреден конгрес на Сојузот на синдикати на Македонија на кој треба да се избере нов лидер, веројатно ќе има само еден кандидат, иако предлогот за кандидатите во петок треба да биде разгледан на седница на Советот на ССМ.

За синдикален лидер конкурираа в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски, претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Ацо Антовски, но на седницата на Претседателството на ССМ беше утврдено дека само Димовски ги исполнува критериумите за кандидатура.

Претседателот на УПОЗ, Грујовски тврди дека ги исполнува условите за кандидатура, додека минатата недела на прес-конференција од страна на дел од синдикатите кои го поддржуваат Димовски, беше посочено дека Грујовски ја нема потребната поддршка од шест гранкови синдикати.

Грујовски не очекува дека на седницата на Советот ќе биде прифатена неговата кандидатура бидејќи се сомнева во малверзации и во тој случај веројатно е дека ќе го бојкотираат Конгресот, а доколку пак биде прифатена неговата кандидатура, тогаш, како што вели, во консултација со синдикатите кои го поддржуваат ќе бара одложување на Конгресот со цел да се смират страстите и да се подготви програма.

– Мојата борба е исклучиво синдикална. Не сакам да правам кариера, сакам да го спречам криминалот во ССМ. Разочаран сум од црната кампања што ја водат против мене, изјави Грујовски.

В.д. претседателот Димовски изјави дека е на службено патување надвор од државата и се повика на одлуката донесена на седницата на Претседателството на ССМ.

– Врз основа на предлозите, дискусијата и исполнувањето на условите согласно критериумите, Претседалеството на ССМ на седницата на 25.10.2017 година утврди дека само предлогот на кандидатот за претседател на ССМ, доставен од СУТКОЗ со кој за кандидат за претседател на ССМ се предлага Дарко Димовски, ги исполнува во целост потребните критериуми за утврдување на предлог за кандидат за претседател на синдикатите на Македонија, се вели во одлуката од Претседалеството на ССМ.

Синдикалните превирања траат веќе подолг период уште кога лидер на ССМ беше Живко Митревски. Поради тоа Интернационалната синдикална конфедерација преку писмо од 5 септември годинава укажува дека единствен начин да се надминат превирањата во ССМ е да се одржи вонреден конгрес на кој ќе учествуваат сите грански синдикати.

– Во случај да не го прифатите нашиот предлог, ќе бидеме приморани да го суспендираме ССМ од членството во ИТУЦ, се вели во писмото.

Би можело да ве интересира

Меѓународниот ден на трудот одбележан со првомајски протест и барања упатени до новата влада

А1он

Трендафилов: Сакаат да го конфискуваат Работничкиот дом за да го уништат синдикалното движење

А1он

ССМ ги повикува работниците на протест по повод Меѓународниот ден на трудот 1 Мај

ССМ и КСОМ заедно на протест на 1 Мај под мотото „Ние работниците“

ССМ ќе бара враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра

Трендафилов: Постапката за Работничкиот дом ќе се повтори