ВМРО-ДПМНЕ прашува за која владина аграрна политика зборува СДСМ. За нивната, стои во реакцијата на прес-конференцијата на Татјана Прентовиќ, кога имаа едвај 6 милиони евра или за сегашната која вложува над 140 милиони евра.
– Зарем е грешна политика динамиката на исплатата на субвенциите да биде според „Календарот за субвенции“ кој е усогласен со потребите на земјоделците за финансирање на земјоделските активности според карактеристиките на производството, се вели во реакцијата.
СДСМ се подвлекува, дури се користи и со класични манипулации.
– Субвенциите за 2012 се исплатени на сите земјоделци кои ги исполниле условите и доставиле валидни податоци, а за 2013 година поради изборниот процес со кој се предвидуваше забрана за исплата на субвенции во одреден периот се предизвика дисконтинуитет во исплатата. Владата останува доследна на ветеното со еднаков пристап кон сите земјоделци од Република Македонија и согласно важечките законски одреби, појаснува ВМРО – ДПМНЕ во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека исплатата на субвенциите за тутун започна веднаш после откупот и за оваа намена до сега се исплатени над 1,6 милијарди денари за произведен и продаден тутун од реколта од 2013 година.
Наскоро, се истакнува, ќе започне исплатата за површини со поледелски култури и се совпаѓа со времето на извршување на есенската сеидба. Потоа ќе следи исплатата за одржување на површини со лозови и овошни насади со цел земјоделците да обезбедат средства за резидба и за заштита на насадите, а во март следи исплатата во градинарството. Сточарите, стои во реакцијата, ќе ги добијат субвенциите пред жетвата на житните култури за набавка на храна по поевтина цена.
Дополнително, потсетуваат од ВМРО – ДПМНЕ, само за една година реализираните се 14 проекти за изградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и шест проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.
– Со кои агрументи зборува СДСМ за состојбите во водостопанството и ловството? Зошто не признаат дека тие го почнаа хаосот со растурање и расцепување на водостопанските системите и на ловиштата.Во водостопантвото, тоа што не се направило за педесет, сега ќе се направи за десет години и ќе се вложат 200 милиони евра со што ќе се наводнуваат нови 25.000 хектари со современи системи за наводнување, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.