Агенцијата за стокови резерви објави оглас за продажба на 2.000 тони меркантилна пченица, со почетна цена на пченицата на огласот 12,32 денари за килограм со пресметан ДДВ, објави порталот Фактор.мк.
Порталот наведува дека од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема став дали на овој начин ќе се спречи намалувањето на цената на лебот, бидејќи министерот Љупчо Димовски е на службен пат во Русија, а од кабинетот на заменикот министер Зоран Коњановски, не сакаат да коментираат без дозвола од министерот.
„Според експертските проценки, ова количество пченица што сега е на оглас за продажба, може само моментално да го спречи поскапувањето на лебот, бидејќи македонскиот пазар е мал, но сепак не ја исклучуваат можноста за евентуалното поскапување“, пишува Фактор.мк
Македонските агробизнисмени од мелничко- пекарската индустрија, освен отворањето на стоковите резерви, за спречување на поскапувањата порачуваат да се дозволи увоз на поголемо количество брашно.
Оваа година житариците се посеаја на околу 96. 000 хектари. Проценките се дека на ниво на Македонија приносите поради сушата се за околу 30% помали. Годишните потреби за пченица се движат до 300.000 до 330.000 тони, од нив околу 120.000 тони се покриваат од увоз, а оваа година поради сушата увозот може да биде и поголем. Во просек Македонија на годишно ниво троши повеќе од 10 милиони евра за узвоз на пченица и брашно.