Во 2013 година Владата преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор ќе отпочне со градба на 474 станови во пет градови во државата. За изградба на овие станови коишто се наменети за лица со социјален ризик и други ранливи групи Владата издвои 867.833.000 денари.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција соопшти дека во текот на неделава ќе отпочнат постапките за изградба на овие станови.
– Ќе бидат распишани јавни повици за интерес за градење на становите и ќе бидат отворени понудите, потоа ќе се пристапи кон електронска негативна аукција на која компаниите кои сакаат да ги градат становите по пат на наддавање ќе конкурира и онаа компанија која ќе понуди најниска цена ќе ги гради становите, изјави Ѓорѓиев.
Станови ќе се градат во Скопје, во општината Бутел – 312, во Ресен 18 станови, во Демир Хисар 25, во Кочани 43 и 76 станови во населбата Точила во Прилеп.
Рокот за изградба за некои згради е до 2014, а за некои 2015 година.