Владата ќе достави Предлог за ребаланс на Буџетот за 2018 година до Собранието

Од:

Владата на Република Македонија, на вонредната седница го разгледа и усвои Предлогот за изменување и дополнување на буџетот на Република Македонија за 2018 година со кој се предвидува дополнителни средства за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување.

Со измените и дополнувањата што ги предлага Владата да бидат усвоени од страна на Собранието, извршено е ревидирање на приходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година за незначителни 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари.

– Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата ја иницира во овој период за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието на РМ до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори, соопшти владината прес-служба..

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, се вели во соопштението, се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП.

– Оваа одлука Владата ја донесе врз основа на фискалните движења кои ја создадоа потреба од минимално прилагодување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како на приходната, така и на расходната страна на Буџетот, се потенцира во соопштението.

На вчерашната седница, се додава, Владата констатираше дека, во услови на непроменети приходи на основниот буџет, ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки. Согласно остварувањето во деветте месеци од годината, благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од околу 1,5 отсто, односно се ревидирани на ниво од 56,2 милијарди денари.

– Имајќи го тоа предвид, Владата на седницата за ребаланс на буџетот го усвои предлогот на Министерството за финансии, расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година да се коригира надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто, велат од Владата инагласуваат дека се предвидува реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити, намалување на каматните расходи за 897 милиони денари, зајакнување на фискалниот капацитет на општините. Покрај тоа, предвидено е алоцирање на дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување на дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност.

Повеќе детали за ребалансот на Буџетот за 2018 година ќе соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција во Владата.

Би можело да ве интересира

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Николовски: Во Буџетот има помалку пари за земјоделците за 15% и 10 пати помалку пари за рурален развој