На денешната седница Владата заклучи дека е неопходно целосно докомплетирање на документацијата и аргументацијата до наредната владина седница за да се спроведе постапката за раскинување на договорот со концесионерот на рудникот „Казандол“.
Владата на седница што се одржа пред една недела одлучи да биде раскинат договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“, кој ги опфаќа општините Валандово, Богданци и Дојран.
Владата тогаш го задолжи Министерството за економија во рок од седум дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на договорот за концесија и за одземање на дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20 јули 2015 година.