Македонските винари се соочуваат со голема конкуренција на странските пазари. Бараат поддршка од државата за успешен пласман, кој, велат, ќе им овозможи навреме да ги исплатат лозарите.
Тие, денеска, на работен состанок во Градско со министерот земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочија дека проблемот со откупот на грозје не е воопшто едноставен.
– За да го откупат грозјето, винарите мора да го извезат виното навреме по додадена вредност. Само така ќе бидат во можност да ги платат лозарите навреме и доволно за тие да останат во индустријата, да ги покријат своите трошоци и да заработат. Во моментов се соочуваме со страшна конкуренција зашто ова не е изолирана гранка, туку дел од глобалниот пазар, а сите држави кои покажале успех во меѓународни рамки успеале тоа го постигнале со помош од државата, изјави Никола Деребанов од Винаријата „Стоби“ каде што се одржува средбата.
Според Деребанов, во македонскиот извоз се уште доминира наливното вино. Извозот на флаширано вино, со додадена вредност, е многу мал и тука Владата мора да интервенира за индустријата да оствари поголем раст.
– Има зголемување на флашираното вино, но тоа е далеку од нивото за да немаме проблеми со откупот, цените и плаќањето. Околу 20 милиони литри е учеството на флаширано вино во извозот, но во овие количини спаѓаат и флашираните производи пакувани во пластика од два литра со многу мала додадена вредност, потенцира Деребанов.
Министерот Николовски напомена дека денешната средба што се случува минимум три месеци пред бербата на грозјето, е токму во оваа насока – да се слушнат барањата, предлозите и сугестиите на винарите но, ваков состанок, најави, ќе има и со лозарите. Целта е, годинава да биде успешна, да има откуп и цени од интерес за двете страни.
Николовски ја нагласи и потребата од измени во регулативата и носење нов закон за вино со цел сигурен пласман, стабилни цени и квалитетно производство.
– Лозарите и винарите мора да бидат партнери, а клучно е и да се почитуваат договорите ако сакаме оваа извозно ориентирана гранка да бележи раст и развој. Нашите политики се насочени кон градење цврсто договорено производство, а обврска ни е, како министерство, да создадеме услови за непречен откуп, стабилни цени и поволен амбиент и за винарниците и за лозарите, подвлече министерот.
Тој информира дека Владата обезбеди 20 отсто повисоки субвенции за одржување лозови насади, за производителите кои имаат еден до 10 хектари и тие, наместо 40 илјади ќе добијат 48 илјади денари по единица површина, како и дополнителна субвенција од 12.000 денари за промена на сортиментот, согласно светските трендови, и зголемување на конкурентноста.
Министерот на состанокот соопшти дека пред стартот на новата производна сезона се исплатени над 600 милиони денари за одржување на лозовите насади.