Кон крајот на август или почетокот на септември се планира да биде најавениот викенд без ДДВ, мерка за помош на економијата која вчера ја најави техничкиот премиер Оливер Спасовски. Фатмир Битиќи, советник на премиерот вели дека очекуваат оваа мерка да се спроведе во услови кога ќе спласне епидемијата за да се избегнат евентуални негативни последици. Мерката предвидува еден викенд граѓаните да можат да купат гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги, без ДДВ, по пониски цени.
„Ова е една мерка која се предвидува да се реализира кон крајот на август или почетокот на септември, со очекувањето дека ефектите за коронавирусот и пандемијата ќе спласнат и ќе се креираат услови за непречено функционирање на општеството и во таа смисла не сметаме дека евентуалното групирање на луѓе ќе предизвика бран на негативни ефекти. Секако дека ако во тој период има препораки за негрупирање ќе се види кога е погодниот момент за тоа да се реализира. Нема да креираме мерка што ќе ги загрози животите на граѓаните“, рече советникот Битиќи.
За да се спречат даночни злоупотреби од компаниите опфатени со оваа мерка без ДДВ ќе можат да купуваат само корисници на апликацијата „Мој ДДВ“. Советникот Битиќи вели дека ова ограничување нема да дозволи компаниите да го пријават во тој викенд прометот без ДДВ што би го направиле претходно.
„Ова не е ништо ново, не е нова активност која не е направена и во други земји. За начинот како ќе се реализира посочуваме дека е само за корисниците на апликацијата ’Мој ДДВ’. Само тие ќе можат да учествуваат и само продуктите што ќе се продадат исклучиво тој ден и за нив ќе има фискална сметка, влегуваат во овој пакет викенд без ДДВ. Сите евентуални можности, за кои секако и ние размислуваме и ги согледуваме во соработка со стопанските комори и со јавните институции одговорни за следење на стопанството, се земаат предвид и сметам дека можноста за евентуално негативна употреба и злоупотреба ќе биде минимална“, објасни советникот Битиќи.
Владата очекува воведувањето на викендот без ДДВ за сите граѓани да ја поттикне потрошувачка и растот на приходите кај домашните производствени и продажни капацитети.
„Се очекува преку оваа мерка 20 милиони евра да се слеат во стопанството. Мерките покрај зацелување имаат цел економијата да ја трансформираат и модернизираат. Одлучивме дека оваа здравствена и финансиска криза нема да ја гледаме само како проблем и ризик туку пред се како нова можност за нова развојна економија за структурни промени и раст“, рече советникот Битиќи.
Бранимир Јовановиќ, советник на поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски, вчера веднаш по објавување на мерката, предупреди дека со оваа мерка ќе има групирање на луѓе, дека од неа ќе имаат поголема корист богатите и дека ќе придонесе за даночна евазија. Нагласи дека и тој како советник на министерот ја разгледувал мерката, но утврдиле дека е неприменлива па ја повика Владата и овојпат да се откаже од неа и да ја повлече.
Викенд без ДДВ е само една од третиот сет мерки за помош на економијата за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот.