ВИДЕО: Одбележан јубилејот 50 години македонски челик

Од:

Јубилеј педесет години од производството на македонски челик и 20 години од постоењето на „Макстил/Дуферко“ беше одбележан вечерва во Скопје.

Претседателот на Одборот на директори на Макстил и член на Бордот на Дуферко, Минчо Јораданов на вечерашнава свеченост истакна дека многу малку компании можат да се пофалат со половина век производство и оти вистински потенцијал на компанијата не бил искористен во минатото, но и сега.

– Сите овие години ние градевме цврсти деловни односи на долгорочна основа со нашите партнери и на влезот и на излезот. Макстил никогаш, и во претходниот период, а особено сега не водел дневни политики во продажбите и во набавките. Суштината е ваквите претпријатија да се фокусираат на долгорочни односи кои што ќе се базираат на взаемен интерес и полза од таквата соработка, рече Јорданов.

За време на последната криза, како што кажа Јорданов, Макстил беше доста погоден, но благодарение на огромната помош исклучиво на двата најголеми мнозински акционери таа загуба била покриена.

„Макстил“ во изминатите години инвестираше околу 70 милиони евра во модернизација, уредување на просторот, како и во проекти за заштита на животната средина.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во обраќањето истакна дека колку тоа дело, односно изградбата на тогашниот Металуршки комбинат во 1967 година, било грандиозно покажува самиот податок дека ние и по 50 години не сме направиле поголемо дело.

Во изминатите 50 години челичната индустрија и Железара, како што посочи Анѓушев, поминаа повеќе премрежија и предизвици, а фабриката по независноста беше приватизирана.

– Мое лично мислење е дека таа приватизација можеше да се направи подобро, не требаше да се рападне на повеќе субјекти бидејќи и до ден денеска постојат предизвици кои произлегуваат од распаѓањето на Железара, рече вицепремиерот.

Она што е особено позитивно во работењето на компанијата, според Анѓушев, е нивниот фокус кон извозот на производите.

– Макстил е исклучително значајна компанија, со оглед на тоа дека станува збор за извозно ориентирана компанија. Ние сме мала земја и доколку сакаме да имаме раст на БДП од 5-6%, извозот мора да учествува со околу 60-70% во БДП. Компаниите може да сметаат на Владата како нивен партнер во работата, потенцираше Анѓушев.

На свеченоста по повод двојниот јубилеј присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, претставници на стопанските комори, амбасадори, бизнисмени и други личности од јавниот живот.

Во октомври 1967 година беа ставени темелите на скопскиот Металуршки комбинат, најголем проект во тогашна Македонија, со што очекувањата биле да се надмине недостатокот на челик и производи од него во поранешна Југославија и да помогне за развој на републиката. Подоцна комбинатот станува „Рудници и Железарници“ или скопска „Железара“. По распаѓањето на Југославија фабриката е поделена на неколку дела. АД „Макстил“ како деловен субјект се јавува по завршувањето на постапката за преструктурирање на Железарница „Скопје“. „Дуферко“ во Макстил доаѓа во 1997 година. Макстил АД е регионален производител на топловалани дебели лимови во чиј состав влегуваат производните погони Челичарница и Валавница за дебели лимови.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Буџетот за 2025 година усвоен на владина седница