Груевски и соработниците противзаконски ја издадоа еврообврзницата и за ова огромно незаконско задолжување на граѓаните од 450 милиони евра најавуваме дека ќе има одговорност, изјави на прес конференција Наумов, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.
Еве што изјави Наумов:
Нема на кого не му е јасна намерата на Груевски дека врши корупција во предизборниот период.
Порачуваме дека СДСМ ќе ги искористи сите механизми да спречи непродуктивни трошења со коишто власта ги задолжи граѓаните на Република Македонија.
Укажуваме дека министерот за правда не смее да се крие и мора јавно да излезе и да одговори дали Министерството за правда има издадено правно мислење за правната важност за издавањето на оваа еврообврзница.
Министерството за финансии тврди дека има.
Доколку и денеска министерот за правда не излезе да ги расчисти дилемите, сметаме дека тој и неговата партија ДУИ се исто така соучесници во финансиското злосторство што го направи ВМРО-ДПМНЕ по налог на Никола Груевски.
Власта на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ вчера издаде трета еврообврзница за само 24 месеци!
При секое издавање образложението беше дека средствата ќе се користат во наредните две до три години. Лажеа.
Граѓаните треба да знаат дека се до денеска во ставката Депозити во ребаланост на Буџетот не планираа да пренесат средства во 2017 година.
Според нашите информации денеска со нова манипулација се обидуваат да направат дополнување на Ребалансот, што говори на што се е подготвена оваа власт кога се пари во прашање.
На идните генерации оваа неодговорна криминално – корупциска власт им натовари нов долг од 450 милиони евра и плус камати. Новото задолжување ќе ги чини граѓаните вкупно 627 милиони евра!
Да ги почитуваа законите и да го прифатеа укажувањето на СДСМ да се издаде еврообврзница согласно постапката од ноември 2015 година, камата сигурно ќе беше помала.
Во услови на економски раст од само 2%, со каматни стапки на задолжување во континуитет од пет и повеќе проценти за средства што планираат да ги трошат за непродуктивни и криминални цели, оваа власт ги носи државата и граѓаните во должничко ропство.
Со вчерашното задолжување јавниот долг го зголемија за над 3 милијарди евра и од вчера долгот е на ново историско ниво од речиси 5 милијарди евра или над 50% од БДП.
Наместо да ги скратат трошоците за Панорамско тркало од 18 милиони евра, средствата за барокни фасади од 5 милиони евра, средствата за уништување на ГТЦ и сите останати криминални проекти од коишто граѓаните немаат никаква корист, задолжувањата продолжија.
Вакво расипничко и неодговорно управување со јавните финансии не е забележано во ниедна европска држава.
Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија по промената на власта ќе ја спори легалноста на ова задолжување.
Повторуваме, не сме против искористувањето на кој било финансиски инструмент со којшто ќе се надополни дефицитот во Буџетот. Но, сме против злоупотреба на средствата.
Законите во Р.Македонија мора да се почитуваат.
Никој нема да биде амнестиран за своите незаконски постапки.