Гардијан – Лондон
Монако е во сериозен проблем поради недостигот на градежно земјиште, па затоа властите решија да обезбедат простор за градење со создавање вештачки површини во морето.
Принципатот речиси целосно остана без станови и градежно земјиште што се нудат на продажба, а има се повеќе заинтересирани купувачи. Се очекува во следните десет години илјадници нови милионери да пројават интерес за купување недвижности во оваа држава, во која не се плаќа данок на личните приходи.
Според сегашните податоци, 35 проценти од жителите на Монако се милионери. Во следните десет години уште околу 2.700 лица би можеле да посакаат да живеат во земјата, покажува истражувањето на лондонската Агенција за недвижности „Најт Франк“.
Квадратен метар за 100.000 долари
За да привлече богаташи, принцот на Монако, Алберт Втори одобри проект за урбано проширување вреден 1,7 милијарди евра. Планот предвидува посипување земја во морето, со што би се создале дополнителни шест хектари градежна зона.
Монако е една од најмалите земји во светот и моментно има само 200 хектари станбена површина.
На новите шест хектари се планира изградба на 120 домови, дел станови, а дел вили, каде цената би се движела по околу 100.000 долари за метар квадратен.
Новата станбена површина е наречена Портије Ков и ќе биде сместена крај казиното Монте Карло. Новиот кварт ќе биде еколошки, бидејќи сите недвижности ќе бидат од енергетски одржлив и ќе користат обновливи извори на енергија.
На бетонските блокови се очекува создавање на корален гребен
Портије Ков како проект доаѓа неколку години по многу поголемиот план за вештачко создавање на градежно земјиште што пропадна поради финансиската криза и загриженоста дека ќе предизвика загадување на животната средина.
Компанијата „Бујже“ која стои зад проектот, тврди дека технологијата во меѓувреме значително напредувала во однос на претходниот проект и новата идеја не би требало да има никакви еколошки последици.
За да спречи какви било еколошки последици, Монако планира да премести значителен број морски организми на нова локација и тврди дека 3Д печатените бетонски блокови ќе овозможат создавање на корални гребени.
„Бујже“ очекува 18-те бетонски блокови во форма на трапезоиди, кои ќе бидат користени како рамка во која ќе биде посипана земјата, со текот на времето да станат дом на голем број морски видови.
За милион долари само 17 квадрати
Еден од партнерите во агенцијата „Најт Франк“, Едвард де Маје Морган тврди дека поради огромната побарувачка на недвижности, цената на метар квадратен во Монако достигнува целосно енормни суми. Така за милион долари во Монако може да се купи стан од само 17 метри квадратни.
Тоа е двојно помалку од површината која за истите пари може да се купи во строгиот центар на Лондон. Од 120 домови во Портије Ков само 70 ќе одат на продажба, додека останатите ќе бидат во сопственост на „Бујже“.
Проектот нема фиксен датум на завршување, па тешко е да се претпостави колкава ќе биде тогаш цената на метар квадратен во Монако. Луѓето и онака во Монако не купуваат недвижности за да живеат во нив, туку само за да можат да избегнуваат плаќање на данок.
Поголемиот број од купувачите на овие недвижности се милионери кои имаат над десет милиони долари на своите жиро сметки, а дури 1220 од нив поседуваат повеќе од 30 милиони долари.
Интересен е и податокот дека на 10.000 жители на Монако има над 320 милионери, додека во САД има само двајца милионери на 100.000 жители.