Холандска компанија, една од прво рангираните во светот, ќе инвестира во производство на цвеќе во Струмица, оваа странска инвестиција денеска ја обелодени градоначалникот на Струмица, Зоран Заев.
-По трагање во 7 земји на 17 можни локации во различни општини, беше избрана токму Струмица заради сите поволности кои што беа понудени од наша страна за привлекување на овој значаен странски инвеститор. Се работи за холандска фирма која што купи површина од 42.889 метри квадратни веднаш до Агрокор, во непосредна близина на градот Струмица во зоната за стопанство и очекуваме изградбата да почне во септември затоа што главните проекти се веќе изведени.
– Инвестицијата значи изградба на објект помеѓу 10 и 11 илјади метри квадратни производствен погон, а отвора околу 250 нови работни места. Среќни сме што продолжува трендот на странски инвестиции во Струмица и посебно кога влегуваат вакви брендови, рече градоначалникот Заев.
Тој додаде дека во завршна фаза е урбанизацијата на нова индустриска зона, наменета за стопански капацитети од мал обем. Станува збор за урбанизација на 350 илјади метри квадратни, од кои 120 илјади метри квадратни се државно земјиште кое го управува општината и претставува одлична можност за веќе најавените домашни и странски инвеститори за изградба на мали производствени погони.