Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска и утре учествува на 22. Годишни средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) кои годинава се одржуваат во Истанбул, Турција.
Темата на овогодинешните средби е „Со иновација до развој” и се однесува на приспособувањето на понудата на пазарите на турбулентните економски услови и градење на поголема конкурентност на економиите.
Вицепремиерот Ставрески, како што соопшти Министерството за финанции, во рамки на Годишните средби ќе има состаноци со првиот потпретседател на ЕБРД Фил Бенет, директорот на ЕБРД за Западен Балкан Клаудио Виецоли, директорот за транспорт на ЕБРД Сју Барет, како и Маса Бернучи – директор на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Адријатскиот регион. Исто така, Ставрески ќе учествува на панелот „Поттикнување на развојот и покрај мерките за штедење”.
Годишните средби ќе ги отвори претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган. На средбите учествуваат стотици државници и истакнати бизнисмени од целиот свет.
Македонија има соработка со Европската банка за обнова и развој на повеќе клучни капитални проекти како финансирање на изградбата на автопатот на Коридорот 10 Демир Капија – Смоквица, проектот за изградба на дел од железничката пруга на Коридорот 10, проектот за подобрување на регионалната и општинската патна мрежа, изградба на ХЕ Бошков Мост и други. Исто така, се предвидува ЕБОР да влезе во финансиската конструкција за изградба на гасоводната мрежа во Република Македонија, изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, проектот за 400 кВ конекција на Македонија со Албанија Битола-Елбасан и др.