Во три мостри од петте пратки од увезената српска пченица пред еден месец е утврдено зголемено присуство на тешки метали. Сè уште не се знае за колкаво количество затруена пченица се работи, оти нема официјално соопштение од Aгенцијата за храна и ветеринрство (АХВ), објави порталот Фактор.
„Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамки на своите редовни активности, при контрола на храната од увоз на граничните премини, утврди зголемена концентрација на тешки метали над дозволените граници. Согласно законските процедури, целокупната количина на сомнителната пченица се наоѓа под надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство на местото на истовар, и за истите е издадено соодветно Решение за забрана за пуштање во промет“, изјавија пред еден месец од АХВ.
Фактор објави дека се работи за пет пратки на пченица увезена од Србија со вкупна тежина од 330.220 килограми, набавена од два различни добавувача, а наменета за три големи македонски мелнички капацитети.
Ова не е прв пат во земјава да влезе пченица со тешки метали. Лани над 20 тони пченица со олово заврши како добиточна храна, откако компанијата – увозник од Битола, без да ги дочека резултатите од анализите ја пуштила пченицата во промет, за што компанијата заработи 5.000 евра казна. Тогаш пченицата беше со потекло од Украина.
Мелничарите побараа контрола и на увезеното брашно, затоа што според нив, ако пченицата е затруена тогаш металите ќе ги има и во брашното.