Укинувањето на царинската давачка за увоз на замрзнато свинско месо, за што одлука донесе вчера Владата, ќе трае до 15 ноември 2018 година, а треба да придонесе кон зголемување на извозната конкурентност на домашната индустрија за производство на преработки од месо, што ќе влијае на зголемување на обемот на производство, извозот и искористеноста на капацитетите и зголемување на бројот на вработени во домашната индустрија за месо.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сметаат дека со донесување на ваквата одлука се очекува производството на трајни и полутрајни производи од свинско месо за шест месеци да се зголеми за околу 3.000 тони, а извозот за околу 10 отсто, што крајно ќе доведе до зголемување на бројот на вработени во домашната месна индустрија за околу 25 отсто.
Анализите, како што истакнуваат од министерството, покажаа дека Република Македонија има многу повисоки царински стапки на замрзнато месо од соседните земји, што ја прави домашната индустрија понеконкурентна во однос на земјите од регионот.
– Како резултат на тоа, појаснуваат, производството на преработки од месо во 2016 година е намалено за 25 отсто во однос на 2013 година, а капацитетите работат со 28 отсто искористеност. Вкупниот извоз на преработки од месо изминатите години континуирано се намалува, во 2016 година е намален за 26 отсто во однос на 2012 година, додека увозот пак на преработки од месо во истиот период бележи раст од 22 отсто. Од друга страна, домашните производители на свинско месо не можат да ги задоволат потребите на месната индустрија со свинско месо.
Владата на вчерашната седница ја усвои одлуката за времено укинување на увозната давачка-специфичната и царинската стапка по вредност за замрзнато свинско месо и други производи од свинско.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство појаснуваат дека со одлуката количините се утврдени на ниво од 50 отсто од утврдените потреби за суровини на домашната индустрија, од страна на Стопанската комора на Република Македонија, Групацијата за производство на месо и преработки од месо, врз основа на фактурираната и наплатена реализација во претходната година.
Укинувањето на царинската стапка за замрзнато свинско месо и други производи од свинско ќе овозможи да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија за производство на преработки од месо, што ќе влијае на зголемување на обемот на производство, извозот и искористеноста на капацитетите и зголемување на бројот на вработени во домашната индустрија за месо.
Од МЗШВ наведуваат дека изминатиот период Владата имала интензивни средби со сите чинители во месната индустрија, со цел да се донесе соодветно решение од заеднички интерес и за месната индустрија и за домашните одгледувачи на свињи.
Оценуваат дека оваа одлука нема да ги наруши домашното производство на свежо свинско месо, бидејќи се работи за времена мерка, увозот на замрзнато свинско месо и други производи од свинско ќе биде строго контролиран и наменет исклучиво за потребите на месната индустрија како суровина.
– Агенцијата за храна и ветеринарство и сега и во иднина ќе спроведува редовни контроли кај операторите што увезуваат замрзнато свинско месо и во малопродажба, се со цел да се обезбеди квалитетен производ за потрошувачите, и ова месо да се употребува исклучиво за неговата намена за месната преработувачка индустрија, наведуваат од Министерството.