Грешките во документите што ги издава Катастарот се технички, направени при преземање податоци од стариот систем и се исправаат без надомест, но мора да се поднесе барање, вели во интервју за МИА Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.
Тунџев, кој веќе десет месеци раководи со Катастарот, тврди дека нема редици за чекање пред шалтерите на Катастарот и оти значително е намален бројот на нерешени предмети. Во Скопскиот катастар наследил 4.700 нерешени предмети, а сега таа бројка е сведена на 700.
– Ефикасноста во решавањето на предметите е значително зголемена со низа мерки кои ги направивме. Претходно, за повторно поднесување барање моравте да плаќате ист износ како кога се плаќаше по првично поднесениот. Сега тоа е укинато. Десет пати да ве одбијат плаќате само еднаш за услугата која ја барате од Катастарот, вели Тунџев.
Според него, катастарските предмети во просек се решаваат за три до седум дена, има случаи и за еден ден. Нема предмет за кој се чека повеќе од седум до десет дена, а над месец сега се чека само за 33 предмети, кои се предадени на други институции како што се Основното јавно обвинителство, Финансиската полиција, Управен суд каде што се водат одредени судски постапкки…
Во иднина од Катастарот ќе може да се очекува повторна продукција на картографски производи, дејност која, според Тунџев, во минатото била запоставена, сега е монополизирана и сведена на многу ниски гранки.
– Агенцијата за катастар на недвижности има издадено само едно решение на приватна компанија што се занимава со производство на картографски производи. Интенцијата е во иднина Агенцијата за катастар на недвижности да почне, со оглед дека картографијата во минатото била една од нејзините клучни сегменти и дејности, да публикува картографски производи за Република Македонија, вклучувајќи ги тука тематските, патните карти и секаде каде ќе може да се направи картографски производ. Катастарот располага со сите геопросторни податоци за целата држава и штета е да не се искористат, наведува Тунџев.
Тој во интервјуто ги претставува и активностите на Агенцијата за катастар на недвижности за воспоставување адресен регистар што е од исклучително значење, пред се, за реализирање на пописот што е најавен за 2020 година, но и за успешна реализација на сите избирачки циклуси коишто се спроведуваат во државата.
– Во тој адресен регистар ќе немате двојни адреси, немате куќи со ист број, немате додадено два ката на одредени згради, ќе немате додадено куќи каде што завршува улицата па вештачки ги додавате во избирачкиот список, укажува Тунџев, посочувајќи и дека ќе станат минато и ситуациите со кои се соочувале граѓани кога за една недвижност добиваат три решенија за данок.
Агенцијата за катастар на недвижности работи и на проект за национален катастар за подрачја потенцијално загрозени со природни непогоди, за кој соработува со норвешката Влада од каде ќе добијат донација од 750 илјади евра.
Како што дополнува, податоците во однос на плавни подрачја и подрачја што во изминатиот период биле изложени на поголем ризик како пожари, свлечишта, ќе може да бидат достапни и да се користат, односно ќе има 3Д приказ како во реално време се случуваат. Посебно ќе биде актуелно за потребите за просторно урбанистичко планирање каде ќе биде прикажан 3Д моделот на теренот и во реално време ќе има просторна локација за секоја дефинирана точка во исто време по висина. Се ќе биде претставено во 3Д односно финалниот продукт ќе биде 3Д на теренот.