Трошоците на живот во мај годинава споредено со мај минатата година се зголемиле за пораст од 1,2 проценти, а цените на мало за 2,7 проценти. Во мај споредено со април годинава трошоците на живот се повисоки за 0,7 проценти, а цените на мало за 0,6 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Пораст на трошоците на животот во мај во споредба со април има кај свежото и разладеното овошје за 13,2 процента, свежиот и разладен зеленчук освен компирот за 12,6 проценти, сувото овошје и јаткастите производи за 2,5 проценти, рибата и морските плодови за 1,3 проценти, цигарите за 1,2 проценти, месото за 1,1 процент, другите прехранбени производи за 0,6 проценти, сушеното, соленото и чаденото месо и замрзнатото овошје за 0,5 проценти, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук и алкохолните пијалоци за 0,3 проценти.
Во мај, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 8,7 проценти, болничките услуги за 1,2 проценти, патниот сообраќај за 0,9 проценти, накитот и часовниците за 0,8 проценти, услугите за одржување и поправки на станот, услугите за рекреација и култура за 0,3 проценти.
Намалувањето на трошоците на животот во мај во однос на април е евидентирано кај јогуртот за 1,2 проценти, јајцата за 1,1 процент, млекото за 0,8 проценти, џигерите, другите преработки од месо, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,7 проценти, маслото и маснотиите за 0,3 проценти, сирењата и урдата за 0,2 процента. Во мај се намалени трошоците на животот и кај гасот за домаќинствата за 4,9 проценти, градините, растенијата и цвеќињата за два процента, течните горива за домаќинствата за 1,8 проценти, средствата за чистење и одржување на станот, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 1,1 процент, малите електрични апарати за 0,5 проценти, пакет-туристичките аранжмани, услугите за сместување и предметите за лична хигиена и здравје за 0,2 проценти.