Поединци, тимови и здруженија на граѓани кои имаат идеја за отпочнување на социјално претпријатие или имаат вакво новоформирано претпријатие од денеска до петок ќе бидат дел од обуката „Развој на одржливи социјални бизниси“ што ќе се одржува во Битола.
Учесниците ќе имаат можност по завршувањето на обуката поефективно да го разработат својот бизнис модел, да ги зајакнат менаџерските способности и да се стекнат со знаења како да се претстават пред потенцијалните инвеститори. Обуката треба да овозможи и полесно врмежување со други социјални претпријатија, како и интензивирање на соработката со традиционалниот бизнис сектор.
Тридневната работилница е во рамки на проектот „Социјални претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge)“, финансиран од Европската унија во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија.
Во Европа постојат два милиони социјални претпријатија и тие претставуваат 10 отсто од сите бизниси во Европската унија. Повеќе од 11 милиони луѓе или шест отсто од сите вработени во ЕУ работат во претпријатија за социјална економија.